Љубљанскиот институт ИФИМЕС со опширна анализа се обидува да и олесни на власта во Македонија да се „испере“ од криминалната афера Рекет, објавувајќи дека криминалот на Боки13 и октоподот е некаква меѓународна завера против Македонија.
Овој институт, кој не така одамна, со отворени напади врз поранешниот премиер Никола Груевски и тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, му помагаше на тогашниот опозиционер Зоран Заев да дојде на власт, а сега му помага да ја исчисти криминалната лава со која е покриена власта на Заев од криминалниот вулкан Рекет. И на граѓаните да им фрли прав в очи дека она што секојдневно го гледа и слуша, всушност, било „акција против С. Македонија“ на патот кон НАТО и ЕУ.
– Актуелните случувања во С. Македонија се последица на сеопфатна, планирана, координирана, темелна и вешто подготвена разузнавачка акција на надворешни и внатрешни фактори со цел запирање на евроатланскиот пат на земјата, пишува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана, Словенија, во опширната анализа за политичката ситуација на Косово – Албанија – С. Македонија 2019 година.
Во анализата ИФИМЕС потсетува дека Македонија го потпиша протоколот на НАТО членство на 6 февруари 2019 година, дека во тек е ратификацијата на протоколот во државите членки на НАТО и се очекува полноправното членство на С. Македонија да се потврди на НАТО самитот во Лондон во декември годинава.
– Нападите врз С. Македонија, односно обидите за дискредитирање на власта и институциите на државата ќе продолжат. Искуствата покажуваат, дека нешто слично се случуваше и во Црна Гора, се до моментот на нејзино полноправно членство во НАТО. Меѓународната разузнавачка операција „Рекет“ долго е подготвувана и вешто осмислена надвор од С. Македонија. Внимателно се избрани/договорени актери за одредени улоги. Во С. Македонија не постоеше соодветна контраразузнавачка заштита на премиерот Зоран Заев (СДСМ) и другите високи функционери во државата. Поради тоа е потребно забрзано спроведување на реформи на безбедносно-разузнавачкиот и одбранбен сектор, бидејќи се уште во тој сектор доминираат кадри на поранешниот премиер Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), односно екс шефот на македонската тајна служба Сашо Мијалков (ВМРО-ДПМНЕ). На клучни позиции во македонската војска се уште се наоѓаат кадри од претходниот режим. Проверувањето (ветингот) кое започна во рамки на Министерството за внатрешни работи на РС Македонија е прв чекор кон целосно професионализирање на безбедносните структури. Во меѓународната разузнавачка операција „Рекет“ насочена против РС Македонија и нејзиното водство учествуваат освен разузнавачи, политичари, поединци од државни институции, новинари, естрада, бизнисмени, професори, медиуми и голем број поединци, кои се (не)свесно вовлечени во оваа разузнавачка операција. Цел на разузнавачката операција „Рекет“ е дискредитирање, криминализација, елиминација и последователно уривање на Зоран Заев и неговата Влада, предизвикување хаос и преземање на власта со или без одржување на предвремени избори, се наведува во анализата на ИФИМЕС.
Според аналитичарите, се вели во анализата на ИФИМЕС, актуелните случувања во Македонија се последица на сеопфатна, планирана, координирана, темелна и вешто подготвена разузнавачка акција на надворешни и внатрешни фактори со цел запирање на евроатланскиот пат на земјата.
– Благодарение на навремена реакција и напорите на безбедносно-разузнавачкиот сектор, сепак е спречен распад на земјата, кој бил подготвен за реализација. Според проценките, режимот на Никола Груевски неказнето изнел од С. Македонија над пет милијарди евра, а за операцијата за уривање на власта се издвоени 50 милиони евра, се вели во анализата на ИФИМЕС.
Затоа, продолжува анализата, од исклучителна важност е да се забрза евроатлантскиот пат на С. Македонија и да се помогне државата заедно со полноправното членство во НАТО да добие и датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври 2019 година.
– Според искуството од Црна Гора нападите на РС Македонија, особено врз премиерот на државата Зоран Заев, но и врз клучните државни институции (како правосудниот систем) ќе продолжат со зголемен интензитет, бидејќи со шок-доктрина се прават обиди да се дестабилизира земјата, да се создаде хаос и оневозможи нејзино членство во НАТО, и по нелегален пат да се преземат институциите, односно да се дојде на власт. Затоа е особено важно за македонските власти што е можно побрз да се постигне договор меѓу главните политички актери и да се донесе законот за Специјалното јавно обвинителство, бидејќи со тоа ќе се потврди определеноста за борба против криминалот и корупцијата и воспоставување на владеење на правото, се наведува во анализата на ИФИМЕС.
Според аналитичарите, затоа е важно во Македонија да се формираат и развијат силни државни институции, а не поединци да бидат синоним за институции, на што предупредува и ЕУ.
– Посебно е важно, со воспоставување на владеење на правото во државата повеќе да нема недопирливи поединци и правни лица. Затоа во С. Македонија ќе биде неопходно спроведување на полициско-правосудна акција „Сабја“ по примерот на Србија од 2003 година, а тоа значи да се направи пресек и целосна пресметка со криминалот и корупцијата. Секое друго парцијално решение дополнително ќе ги усложни односите во С. Македонија, која во изминатите две години земја-случај стана земја-надеж за останатите за останатите земји од регионот, се вели во анализата на ИФИМЕС.
Во воведот на анализата ИФИМЕС пишува дека конфронтацијата на светските сили и важни регионални играчи се уште има силни последици во регионот на Западен Балкан, каде се уште важи системот на „поврзани садови“, односно нестабилноста, како и стабилноста, во еден брзо се пренесува во другите делови на регионот.