Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Порта Македонија се обрати на состанокот на Генералната асамблеја на Европската рута на Светите Кирил и Методиј.

Во своето обраќање министерот истакна дека Македонија не само географски, туку и духовно и културолошки е длабоко вградена во мисијата на светите браќа и нивните ученици, соопшти Министерството за култура.

– Реализацијата на Генералната асамблеја токму овде е симболично и значајно бидејќи Македонија не само географски, туку и духовно и културолошки е вградена во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, како и на нивните ученици. Делото на Солунските браќа, што го постави темелот на словенската писменост и духовност, длабоко е врежано во нашето културно наследство и во колективната меморија на македонскиот народ. Овде, на овие простори, нивната мисија не само што беше прифатена – таа продолжи да живее, да се шири, да се пренесува со љубов од генерација на генерација. И денес, како дел од оваа културна рута, ние не го чуваме само нивното наследство туку и  го живееме, рече министерот Љутков.

Тој посочи дека Министерство за култура и туризам, со голема почит и ентузијазам ќе продолжи да партиципира и да ги  поддржува рутите на Советот на Европа.

– Нашата земја е посветена на зачувувањето и афирмирањето на ова културно богатство и од тие причини, Министерството за култура и туризам ја поддржува и партиципацијата на Македонија во: Винската културна рута, Рутата на римските императори и Дунавската римска рута. За афирмација на рутите кај пошироката културна јавност, минатиот месец го реализиравме и форумот „Културните рути на Советот на Европа во функција  на културниот туризам“, на кој учествуваа гости од земјава и од странство, од академскиот, туристичкиот, економскиот и од поширокиот културен сектор, рече Љутков.

Тој истакна дека особено е значајно учеството на Институтот за македонска литература при УКИМ и на Институтот за старословенска култура од Прилеп во рамките на Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј, што ќе придонесе за значајна културна, научна и туристичка промоција на кирилометодиевското наследство нераскинливо поврзано со духовната почва на Македонија, стои во соопштението од Министерството за култура.

Фото: Министерство за култура