Преспанскиот договор ги отвори вратите на НАТО, но за ЕУ, Северна Македонија треба да ги исполни неопходните критериуми за реформи во клучните области.
Одлуката за отпочнување на преговорите ќе биде донесена едногласно од 27-те земји членки на Унијата, изјави француската министерка за европски прашања Натали Лоазо на заедничката прес-конференција во Скопје со нејзиниот домаќин вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
-Што се однесува до неопходните критериуми за да може преговорите за членство да отпочнат ќе кажам дека тие критериуми беа донесени едногласно минатата година на Европскиот совет во јуни. Станува збор за четири критериуми што се однесуваат генерално на правната држава: реформа на судството, борба против корупцијата, реформа на безбедносните служби и реформа на јавната администрација. Овие критериуми беа одлучени од страна на 28 држави членки на ЕУ и кога повторно ќе разговараме за истите, повторно едногласно ќе одлучиме, рече Лоазо.
Запрашана дали е отпимист дека Северна Македонија во јуни ќе добие зелено светло за отпочнување на преговорите со ЕУ, француската министерка рече дека тоа ќе зависи од тоа каква проценка ќе биде направена од страна на Европската комисија, а потоа вели, ние Европејците ќе разговараме за тоа меѓусебе.
-Моето патување е важна етапа за да разговарам овде во Скопје со политичарите, но тоа е одлука што ќе се донесе не со 28, туку со 27 земји членки, бидејќи Обединетото Кралство ја напушти Унијата и тоа врз база на информациите што ќе ни ги даде ЕК, но и без притоа вештачки да ја забавуваме земјата, ниту пак пребрзо да ја туркаме за отпочнување на преговорите, порача Лоазо.
Таа подвлече дека како најдобрите пријатели Франција ги кажува работите такви какви што се без да ни дава розова слика, туку го кажува на тој начин за да може заеднички, вели, да напредуваме на патот кон европска интеграција на Република Северна Македонија.
-Тоа не значи дека ние само ќе ги набројуваме пречките, туку ќе одлучиме кои етапи треба да бидат надминати за да може да се отворат преговорите и тие да бидат успешни. Мојата желба и мојата посветеност е овој процес да биде успешен, но за тоа треба да се спроведат одредени етапи, појасни Лоазо.
Вицепремиерот Османи изрази благодарност до Лоазо за заложбите и искрената поддршка од страна на Франција за нашите европски интеграции, ја оцени нејзината посета како историска за земјава со оглед на тајмингот- кога Северна Македонија се движи кон почеток на пристапните преговори со ЕУ и изрази оптимизам дека ќе може да ги отпочнеме преговорите со ЕУ по успешното надминување на споровите со соседите и посветеноста на реформите.
-РСМ работеше на две траектории, политичката и реформската. Политичката во смисла на политичките пречки што ни беа на пат и тоа што го постигнавме во овој дел беше навистина чудо на европско ниво. Земјата која пред само 20 месеци беше типична балканска приказна-земја со отворени прашања со соседите, со незатворен мировен договор одеднаш стана единствената земја во регионот со ниту едно отворено прашање со ниту еден од соседите и со затворен мировен договор внатре. Меѓутоа немавме многу време за славење на успесите затоа што сметавме дека е подеднакво важно и да испорачаме и во делот на реформите. И работиме уште од првиот ден по завршување на политичките успеси заедно и во координација со ЕК, но и со земјите членки да испорачаме во делот на ургентните реформски приоритети што Европскиот совет лани ни ги даде како задача. Меѓутоа овојпат рековме дека фокусот нема да биде ставен само на носење добри закони, туку и на имплементација на истите со цел да имаме аргументи да им презентираме на земјите членки дека државата се менува како резултат на тие закони, односно дека имаме тренд во кој државата и општеството се однесуваат европски. Така што сум оптимист дека ќе бидат валоризирани овие успеси на РСМ, рече Османи.
Запрашана за ставот на Франција во однос на тоа што се уште не е донесен закон за продолжување на мандатот на СЈО, односно со одговорноста на политичарите пред органите на прогонот во случај кога вршат кривични дела во областа на корупцијата, Лоазо рече дека нашата земја и ЕУ делат иста цел да се унапредува правната држава.
-Постојат два вида одговорности на политичарите – пред своето избирачко тело за време на секои избори, но и пред судството откако ќе се појават сомнителни однесувања. Во Франција ние се уште напредуваме во таа област за транспарентност на јавниот политички живот иако сме стара демократија. Станува збор за процес за кој ние имаме се поголем број инструменти да одговориме на очекувањата на граѓаните. Процесот што е во тек во Северна Македонија одговара прво на очекувањата на граѓаните од оваа земја пред да стане процес што го бара ЕУ, рече Лоазо.
Таа ја појасни и нејзината изјава претходно дадена за тоа дека пред да се прошири ЕУ треба прво да се реформира, затоа што, вели, не би било во ничиј интерес да се прошири Унијата ако е ослабена, а Франција е европската земја која е најобврзана со реформите не само на зборови, туку презема и конкретни иницијативи за таа реформа.
-Ако се случи ново проширување треба да се случи прво со реформирање на Унијата, тоа не ни служи за изговор за да ги забавиме другите земји, туку го правиме истовремено, појасни Лоазо.
Француската министерката за европски прашања во рамки на еднодневната посета на нашата држава меѓу другите, имаше средби со премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, со претседателот на Парламентот Талат Џафери.