Во организација на Институтот ОХРИД денеска ќе се одржи традиционалното потпишување декларација за фер, слободни и демократски избори меѓу претседателите на подмладоците на политичките партии.
Со овој чекор, како што наведува Институтот, подмладоците на политичките партии ќе ја покажат својата заложба за спроведување слободни, фер и демократски избори, како и за достоинствена и фер предизборна кампања, а воедно ќе ја искажат својата решителност да се борат против говорот на омраза и да промовираат намалување и отстранување на говорот на омраза во општеството.
-Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја, капацитет и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво, наведува Институтот ОХРИД.
Декларацијата за фер, слободни и демократски избори прв пат беше потпишана во 2014 година, а Институтот ОХРИД ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.
Настанот ќе биде јавен, церемонијален, но без публика, согласно рестрикциите наложени од корона пандемијата.