Во подрачните единици и канцеларии на Државната изборна комисија, како и преку апликација на нивната веб страница граѓаните до 9 септември можат да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список и да побараат нивно запишување, бришење или дополнување.

Во првите два дена од увидот на 21 и 22 август во подрачните единици и канцеларии на Комисијата увид во Избрачкиот список направиле 821 граѓанин, а од нив само еден поднел барање за запишување во Неготино. Во меѓувреме, излегоа и првите извештаи за неправилности во списокот.

Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.

Се зголемува и бројот на кандидатите кои собрале потписи за кандидати за градоначалници или носители на листи. Од 16 август започна и собирањето потписи за независни листи во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, а рокот истекува на 30 август во 24 часот. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.

СДСМ се очекува денеска да соопшти дел од своите кандидати за градоначалници, како што соопшти минатата недела, премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите.

ВМРО-ДПМНЕ во петокот ги објави имињата на уште 19 кандидати за градоначалници, а најави и соработка на локалните избори со Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Неформалната кампања на веќе објавените кандидати е веќе во тек. Се прават посети на терен и средби со помали групи граѓан поради Ковид-19. Исто така се користат и социјалните мрежи и интернет.

Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК и огласени.

Утре треба да пристигнат првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври. Првпат на локалните избори ќе се применува вчитување на отисоци од прсти со терминали.

Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.

Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи 30 октомври.