Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина одлучи сите изборни комисии во изборните единици денеска да продолжат со доставување на изборниот материјал до избирачките одбори, согласно однапред утврдените планови, освен Изборни единици Јабланица, Коњиќ, Фојница, Кисељак, Крешево, Бреза, Високо, Прозор-Рама, Бихаќ и градот Мостар.
Порталот Кликс пишува дека оваа одлука ЦИК ја донела синоќа по состаноците со надлежните институции и доставени одговори од надлежните Управи за цивилна заштита.
За евентуалното организирање на избори и во овие изборни единици или поединечни избирачки места во овие изборни единици, ЦИК на БиХ одлуката ќе ја соопшти на седницата што ќе продолжи денеска, откако претходно добие дополнителни информации од теренот.
Централната изборна комисија на БиХ продолжува да го следи натамошниот развој на ситуацијата и во случај на потреба навремено ќе реагира со донесување соодветни заклучоци заради организирање избори, се наведува во соопштението.
Најмалку 20 лица загинаа во катастрофалните поплави што ја погодија Босна и Херцеговина, па во јавноста се наметна и прашањето дали утре воопшто ќе има избори, пишува порталот Кликс.