На пазарот има појава на пласирање производи како нови, а со цел да се избегне мерката за производи што се поевтинуваат и затоа апелираме до трговците тоа да не го прават, истакна Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија.
Во изјава за медиумите, Лончар Велкова нагласи дека сите мерки што ги презема Државниот пазарен инспекторат се одлични, но граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат аномалии.
-Алармиравме дека ќе има големо покачување на цените, посебно тогаш кога се укина одлуката за гарантирана цена и тогаш трговците ги вивнаа цените. Ние укажувавме дека пред донесување и стапување во сила на законот за фер трговски практики кој се однесува на трговци и добавувачи, односно посочивме дека се додека 2500 производи не поевтинат одлуката да не се отстранува, но ја тргнаа и гледаме сега што се’ се случува. Во овој момент имаме информации од Државниот пазарен инепекторат дека секојдневно на терен се наоѓаат производи на кои грамажата е променета, а со намалување на грамажата на производите тие уште повеќе поскапуваат. Има производи од 900 грама а треба да се еден килограм. Сите мерки што ги презема Државниот пазарен инспекторат се одлични, но граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат аномалии. Претпоставуваме, рече Лончар Велкова, дека пријавите одат директно до ДПИ бидејќи имаат доверба и дека веднаш излегуваат на терен бидејќи се екипирани за брзи мерки, казни и времени мерки.
Фото: МИА