Диви свињи ноќе се „вклучија во гроздоберот“ во Тиквешко. Лозари потврдуваат за МИА дека годинава родот од лозјата го делат со шумски животни. Дознаваме дека ова се случува во Кавадаречко, Неготинско и Демиркаписко. Се зема данок од мускатните благи сорти грозје, но и од најзастапената црна сорта винско грозје, „кратошија“ и „вранец“. Или како што велат лозаропроизводителите, животни јадат сè што ќе начекаат.
На фотографиите јасно се гледа грозје паднато на земјата од лозјето, кое останало под налетот на гладната дивина. За тоа кој се гоштавал со овошје говорат трагите од стапалките наоколу. Почвата е како преорана.
Младиот Дарко Најдов, жител на поткожувското село Горна Бошава, потврди за МИА дека дивите свињи овој гроздобер се насладувале и од грозјето во Бошавијата. Во месностите Скалата, Свињиште и други.
– Го јадат грозјето, но идат и по ореви, лешници. Па така пред некој ден влегоа во еден овоштарник на десетина метри од селската црква „Свети Илија“. Таму отишле по сливи, јаболка, круши, а раскопале и од посадениот компир, појасни Најдов.
Ортаци на газдите за време на гроздобер
– Вистина е дека не се мали количините грозје кои се обрани од дивите свињи, наместо да завршат за тиквешко вино или домашна препечена ж’та. Кај што фатиле, редум јаделе. Во мојот лозов насад од три декари апнале грозје од еден декар. Не знам која е причината, дали се намножиле или пак останале без храна и вода во повисоките места на планините, каде што вообичаено живееја. Се сладат со сите сорти грозје, ама ми се чини дека најмногу ги обожаваат миризливите гроздови зрна. Во моето лозје, на пример, го обрале и грозјето без семки, кое главно завршуваше за слатко, па годинава нè оставија без омилениот десерт, рече тиквешанец.
Благој Стојков, долгогодишен ловџија од Кавадарци, кажа дека на одделни места во Кавадаречко, дивите свињи се како ортаци на газдите на лозјата во време на гроздобер.
– Ловец сум над 40 години. Вистина е дека има многу диви свињи. Најмногу во шумата и во планината, но ги има и на места на кои порано ги немаше. Тие се навртија и по селата, во пониските делови, кои некогаш беа несвојствени за нив. Порано беа високото и не се симнуваа долу по грозје. Сега најверојатно немаат што да јадат горе, па затоа слегуваат долу. Ама и ниското, кое порано беше чистини, сега како да се пошуми. Нивите со децении оставени без некој да ги работи, самите што се вели се пошумија со смреки, станаа орман. Дивите свињи крадат грозје и во моето родно село Чемерско, под Кожуф. „Вранец“ има, „вранец“ јадат, кажа тој.
Го прашавме дали е можно да се испијанат од јадење грозје, како една коза за која слушнавме дека се прејала грозје, па се тетеравела.
– Од комиње можеби и може да се заматат, оти тоа е веќе кинисато на вино. Од грозје не им е ништо, та дури и да се прејадат со ова овошје, истакна тој.
Несекојдневни пијанки, овци и крави се најале пресно комиње и се натрескале
Пред 14 години се случи една несекојдневна пијанка, кога овци и крави се испијанија од комиње во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата.
– Не знаев дека овците можат да се опијанат од комиње! Им дадов малку од пресното комиње од винарска визба, а потоа ги отерав да се одморат под едни дрвја. Верувале или не, сите до една паднаа. И почнаа да се препелкаат, раскажа тогаш сточар од Неготино, за необичната пијанка на своето стадо.
Се загрижил.
– Што да правам сега, си реков. И ги оставив до зајдисонце да се трезнат. Кога малку си придојдоа на себеси, полека, полека ги отерав накај дома. Само пет овци ми останаа мртви пијани. Тие не можеа да се отрезнат и да станат на нозе. По нив се вратив со коњската кола и ги товарив на неа. Да ми кажуваше некој, немаше да верувам. Беа исти како човек кога ќе препие вино или ракија. Кога ќе претера и не си ја знае мерката, објасни тогаш сточарот.
Откако му се случило ова, тој знаеше дека на стоката може да ѝ се дава комиње, дури и дека тоа било добра храна за неа, ама да е отстоено најмалку 15 дена. Да е превриено.
– А штом чуре, превриено е. Во спротивно, ќе ги кутне овците или кравите!, велеше сточарот.
Токму такво беше комињето што тој и неговиот пријател го собираа во близина на винарска визба. Превриено, чуреше. Потоа дома го мешале со пченица, крма и слично. Убаво било и само комиње, но уште поубаво мешано.
– Со мезе, се шегуваше сточарот.
– Превриеното комиње не е штетно и за стоката е како чашка вино за здравје. За расположение. Оти и на добитокот му треба расположение како што им треба на луѓето, се мајтапеше искусниот сточар во третата доба од животот.
Тогаш ни раскажа и за друг случај.
– Во Неготинско имаше случај кога крави се најале пресно комиње и се натрескале. Тие што успеале да легнат, поспале и се отрезниле. На една од пијаните крави ѝ се „разиграле“ нозете, една наваму, друга натаму и скршила една нога, раскажуваше дедото сточар.
Светлана Дарудова за МИА