Ракометарите на Вардар забележаа победа со 32:27 над Порто на првиот натпревар на домашен терен во Лигата на шампионите во сезоната во која го бранат трофејот.

„Црвено-црните“ попладнево до бодовите стигнаа со подобра игра во второто полувреме, откако португалскиот шампион се покажа како цврст ривал и го доби првиот дел со 16:14. Во два наврата Португалците имаа и „плус 4“ (14:10 и 15:11).

По серијата од 3:0 на почетокот на вториот дел, вардарци го преземаа водството, а набргу потоа и покажаа дека немаат намера да дозволат изненаудвање. Порто се обиде со игра „седум на шест“ на која домаќините беа подготвени и со неколку голови од својата половина во 45. минута дојдоа до 27:20. До крајот гостите успеаја само да ја намалат разликата, но не и да ја загрозат победата на Вардар.

Најефикасни во победничката екипа со по седум голови беа Иван Чупиќ и Даинис Криштопанс.

За Вардар ова е втора победа во вториот настап од Б-групата во Лигата на шампионите оваа сезона, додека Порто остана на една победа, остварена во првото коло.