Луѓе со мал џеб и големо срце, може да се нарече фотографијата на која се гледа стара дотраена „лада“ натоварена со помош за Турција од Азербејџан.
– И ние ја доживеавме оваа катастрофа, зимата бевме без покрив над главата. Без облека и обувки. Го знаеме тоа чувство, изјави Сервер Беширли, кој со неговиот брат Имамверди Беширли и Аскер Мамедов носат помош во Турција.
Целиот свет се солидаризира со жртвите од силните земјотреси кои ги потресоа Турција и Сирија, а во кои според последните информации загинаа повеќе од 17.000 луѓе. Донациите се собираат во многу земји, вклучувајќи ги и оние каде што луѓето немаат многу.
Вирална стана фотографија од Азербејџанецот кој се упатува кон Турција во старото возило натоварено со многу работи кои би им биле од помош на настраданите во земјотресот.
Братот на Сервер вели дека не се единствените и дека многу Азербејџанци решиле да испратат помош.
– Бевме сведоци и кога дојде една девојка, го соблече капутот, и го даде и си замина. Се надеваме дека во наредните денови ќе можеме да однесеме и храна, рече Имамверди.