Годинава, заклучно со 4 октомври, 5.713 обврзници немаат исплатено плати на вкупно 14.829 вработени, информира директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
– До сите овие обврзници се доставени опомени и согласно нашиот календар на активности – денеска или првиот работен ден по празникот, ќе треба да бидат доставени и блокади, рече Лукаревска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Таа посочи дека е спроведена присилна наплата кај сите компании што ја злоупотребија државната помош кои, како што рече, беа објавени јавно и транспарентно од страна на Генералниот секретаријат на Владата, бидејќи тие беа исплатувачи на средствата од финансиската помош за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19.
Во периодот од јануари до август годинава, прецизира Лукаревска, УЈП извршила 1.876 контроли на даноци или придонеси.
– Со констатирани неправилности се 836 контроли при што е утврден наод од 986.303.440 денари. Од нив 1.211 се по основ на ДДВ, со утврден вкупен наод од 671.459.919 денари, 300 контроли по основ на персонален данок на доход, односно данок на личен доход при што во 77 проценти од вкупниот број на контроли се утврдени неправилности во вкупен износ од 189.079.281 денар и 365 контроли по основ на данокот на добивка при кои се констатирани неправилности кај 44 проценти од контролите со утврден наод во вкупен износ од 125.761.240 денари, односно речиси една милијарда денари од сите контроли, потенцира Лукаревска.
За издавање и не издавање фискални сметки на територијата на целата држава, како што кажа, во првите осум месеци од годинава извршени се 1.729 контроли по однос на Законот за регистрирање готовински плаќања од кои 1.266 биле со констатирани неправилности, а 463 без неправилност.