Со акционен план и повеќе околности ќе им олеснеме на граѓаните, меѓу кои и на пензионерите поефикасно електронски да се пријавуват. Во тоа ќе помогне и општината, рече директорката на Управата за јавни приходи на Македонија Сања Лукаревска при денешната посета на Прилеп.
– Работиме на изнаоѓање олеснителни околности со кои ќе им помогнеме и на пензионерите и на сите физички лица за поефикасно да ги пополнат електронски даночните пријави. Имаме направено соодветен акционен план како сето ќе се одвива. Достапни сме и транспарентни. За тоа ќе разговараме со градоначалникот на Прилеп како може општината да помогне во регистрирањето на физичките лица, на граѓаните, изјави Лукаревска.
Според Лукаревска прилепскиот Тутунски комбинат ги надмина сите долгови, а со прилепското јавно претпријатие „Комуналец“ е договорена динамика на плаќање.
– Прилепскиот комбинат сега ги надмина сите долгови што ги имаше од 2014 година кон УЈП и сега е пример како редовен даночен обврзник. Во јавното претпријатие „Комуналец“ развивме соодветна динамика за плаќање на обврските кои ги има по повеќе основи, нагласи Лукаревска.
Пред поголем број спортисти, спортски работници и стопанственици, Лукаревска и раководителот на секторот за услуги на даночните обврзници и даноци во Генералната дирекција на УЈП, Мухедин Авдиќ, во прилепскиот хотел „Кристал Палас“ одржаа презентација на Законот за спорт.
За Лукареска најбитно е да се гради партнерски, а не репресивен однос со даночните обврзници. Спортот е најголем амбасадор во европа и во светот и мора сите, со бизнисмените да го поддржуваме.
– Сметам дека бизнис заедницата треба да биде во тесна корелација со спортот и спортските работници. Ако си ја сакаме државата треба да помагаме во спортот, во културата и во сите дејности, нагласува Лукаревска.
Според Мухедин Авдиќ, раководител на секторот за услуги на даночни обврзници и даноци во Генералната дирекција на УЈП, преку конкретен пример наведе како ќе функционира во практиката финансиски да се поддржуваат спортот и спортските работници.
– Доколку одреден даночен обврзник има финансиски резултат во билансот на успех од 5 милиони денари, а донираните средства во спортот, да речеме во ракометен клуб, изнесуваат 100.000 денари, даночна основица ќе претставува 5.100.000 денари. Ако пресметаме дека даночната основица ќе се помножи со 10 отсто, тоа значи дека 510.000 денари претставува пресметан данок на добивка. Ако овој данок го помножиме со 40 отсто, односно со максимално дозволениот процент на даночно поттикнување кај ракометните клубови, ќе произлезе дека максималното искористување изнесува 204.000 денари. Бидејќи во конкретниот случај даночниот обврзник донирал средства во висина од 100.000 денари, тоа значи дека во овој случај ќе бидат искористени 100 отсто од донираните средства, како намалување на пресметаниот данок на добивка, објаснува Авдиќ.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека суштината на Законот за спорт е по пат на ваучери, еден дел од ДДВ-то кое компаниите треба да го платат, да им го уплатат на спортските клубови.
– Со тоа компаниите ништо нема да загубат, туку ќе покажат желба да им помогнат на спортските клубови и на спортистите поединечно. Што се однесува до финансирањето на спортот со општински средства, станува збор за огромни средства кои општината треба да ги издвои за да ги задоволи потребите на клубовите и спортистите. Оваа година финансирањето го направивме во рамките на нашите можности, а за следната година тој финансиски дел двојно ќе го зголемиме, изјави Јованоски.