(Колумна на директорката на УЈП и функционерка на СДСМ, Сања Лукаревска)
На одбележувањето на 70 годишнината од востоличувањето на Елизабета Втора, во јуни оваа година, нејзиниот поранешен телохранител Ричард Грифин (Дики) раскажа случка од една нивна прошетка по имотот во омилениот замок на Нејзиното Величество, Балморал во Шкотска.
„Обично никого не среќаваме на тие прошетки, но еден ден сретнавме двајца американски туристи. Се поздравивме и тие не препознавајќи ја Кралицата, почнаа да ја прашуваат од каде е, каде и е куќата и од кога доаѓа тука ? Нејзиното Величество им одговори дека живее во Лондон, дека нејзината куќа за одмор е зад ридот и дека на ова место доаѓа повеќе од 80 години. Тогаш тие ја прашаа, ако доаѓате толку години, веројатно сте ја сретнале Кралицата ? На тоа, Кралицата им одговори – јас не, но Дики често ја среќава. Возбудени се завртеа кон мене и почнаа да ме прашуваат каква е Кралицата ? Им одговорив дека некогаш е малку незгодна, но дека има исклучителна смисла за хумор. Тогаш американските туристи ме прегрнаа и ѝ го подадоа својот апарат на Кралицата за да ги слика со мене, со човекот кој ја сретнал Кралицата. Таа нè сликаше, а потоа, од учтивост тие се фотографираа и со Неа. Кога си заминаа, Нејзиното Величество рече – би сакала да сум мува на ѕидот кога ќе им ги покажат фотографиите на пријателите во Америка и можеби некој од нив ќе им каже која сум “.
И откако човек ќе се насмее на оваа интересна случка, прераскажана од поранешниот телохранител на Елизабета Втора, речиси неизбежно ќе си помисли – колку пати посакал да биде „мува на ѕидот“ ?!
Искрено, и јас се „фатив“ во таа помисла но, бидејќи кај нас таа „трансформација“ доби поинакво значење, само си ја освежив меморијата дека, не така одамна, имавме илјадници „муви на ѕидовите“ пуштени од нарачатели кои глумеа суверени. Тоа не беше хумор, тоа не беше смешно. Зашто хуморот на нашите „летачи на муви“ имаше боја и немаше вкус. И така, на злосторничко здружен начин, кај нас се „всели“ и како совршено мутиран вирус ни остана невкусот. До таа мера, што стана натпревар кој ќе напише по одвратен статус за смртта на 96 годишна жена, за која одеднаш сите знаеја сè.
Доскорешниот Британски премиер, Борис Џонсон, евоцирајќи спомени во Парламентот по веста за смртта на Кралицата кажа дека пред неколку месеци ја замолил екипата на BBC да си замине од неговиот кабинет откако му побарале во интервјуто да зборува за Елизабета Втора во минато време при се уште жива Кралица.
Тоа е тоа. Тоа е таа учтивост. Тоа е таа почит, пред сè, кон возрасен човек. Мудроста и искуството кај повозрасните се неспорни, но има нешто повеќе, нешто кое доаѓа единствено со годините – таа чудесна исцелителна моќ на повозрасните. Оттаму, ние имавме среќа што наш прв претседател на независна Република Македонија беше Киро Глигоров.
Во свет кој , барем за нас , со 5 Г брзина се менува, таа исцелителна моќ, од светските лидери, ја поседува уште американскиот претседател Џо Бајден.
Ден пред објавата за смртта на Кралицата, Барак и Мишел Обама после 5 години повторно влегоа во Белата куќа на поставувањето на нивните портрети на „најважната адреса на светот“. Во таа прилика, поранешната прва дама, рече: „Нашата демократија е многу посилна од нашите разлики“. За среќа, така е.
Инаку, брачниот пар Обама е познат по исклучително инспиративните говори кои никогаш не ја промашуваат ни темата ни целта. За нивните топли зборови и емотивни говори во предизборните кампањи, за нивните прегратки и меѓусебни нежни погледи, еден германски аналитичар ќе напише : „Да беа во Германија, нивните настапи ќе беа потопени во море од иронични коментари. Но, силата на Америка е токму во тоа што не личи на Европа “.
А на кого пак ние личиме ? Нас нема да не потопат коментарите зашто кај нас веќе како да нема ниту емоција, ниту емпатија, ниту поглед. Нашиот потоп е во нашата новокомпонирана простотија. До седмо колено, што би рекол нашиот претходен Претседател на државата.
И така. До мувата на капата која никако да одлета од нечии глави.
Извор: Центар за односи со јавноста на СДСМ