Откако е почната оваа воена криза, ние како СДСМ алармиравме повеќе пати дека мора навремено да реагираме, но Владата дури вчера донесе задоцнети и несоодветни мерки. Намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10% не ги дава посакуваните резултати, бидејќи сведоци сме на нов раст на цените, што значи дека со вакви политики недоволно се штити стандардот на граѓаните“, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, се наведува во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

Таа остро ги критикуваше задоцнетите и недоволни мерки на Владата за справување со кризата, потенцирајќи дека една мерка не е доволна.

„Вчера слушнавме само една мерка, не слушнавме пакет на мерки. Гледаме европски цени, а платите се катастрофа. Една минимална плата не можете да ја покачи власта. Зошто? А, сега уште потешко ќе се покачи, бидејќи сме во криза. Сите пазариме во маркети, тројно се зголемени цените од претходно. А имавме зголемување на цените и кога немавме криза и тогаш реагиравме со повеќе законски решенија“, истакна Лукаревска.

Таа нагласи дека наместо задоцнети и половични решенија, потребни се навремени, цврсти и таргетирани мерки кои ќе ги заштитат и граѓаните и компаниите.

Лукаревска посочи дека СДСМ предложи конкретни мерки, намалување на ДДВ-то на нафтата и основните прехранбени производи, намалување на акцизата и патарините, но Владата не покажала слух за нив. Дополнително, Владата нема јасна стратегија, а краткорочните мерки не нудат решение за долгорочните последици од кризата.

Лукаревска потсети дека во време на претходните кризи СДСМ презеде навремени и обемни мерки, со кои успешно беа заштитени граѓаните и економијата.

„Во време на корона-кризата донесовме 110 мерки во вредност од 1,2 милијарди евра, поделени во шест пакети, а во енергетската криза обезбедивме 760 милиони евра поддршка, вклучително и субвенционирање на струјата за над 600.000 домаќинства. Тоа се конкретни мерки за конкретни граѓани“, нагласи Лукаревска.

Граѓаните денес се соочуваат со раст на цените и пад на куповната моќ, додека платите не го следат тој тренд, што дополнително ја влошува економската состојба.

„Не се потребни паушални препораки без стратегија, туку сериозен и сеопфатен пакет мерки кој ќе ги опфати сите засегнати страни. Само така може ефикасно да се одговори на кризата и да се заштити животниот стандард на граѓаните“, порача Лукаревска.

СДСМ
Центар за комуникации со јавноста