Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, синоќа изјави дека нема да испрати своја војска на територијата на Украина бидејќи тоа нема да реши ништо.
Лукашенко пред новинарите рече дека нема потреба од ангажман на белоруската армија во Украина. Како што рече, во моментов може да активира од 35.000 до 40.000 војници на тој простор, но оти тоа нема да го реши проблемот.
Лукашенко исто така рече дека САД не сакаат мировни преговори поврзани со ситуацијата во Украина и оти Американците стравуваат единствено од нуклеарен конфликт.Според него, САД владеат со Полска и се плашат само од нуклеарно оружје чија употреба, како што тврди, во голема мера би ја ескалирала ситуацијата.
Тој нагласи и дека има потреба да се преговара разумно, односно да се зборува за постигнување мир.
Претходно белорускиот претседател посочи дека раководството на Украина треба да преземе чекори за прекин на војната, доколку не сака уништување на земјата и смрт на огромен број луѓе.