М-р Десанка НИКОЛОВА
Не знам како точно се викаат под подрумските простории ама знам дека лифтот таму ни е заглавен, сајлите се скинати и не оди. Страшен дефект. Не се поправа. Дното одамна го пробивме. Не сум баш најпрецизна во проценките, сега сме некаде 20.000 географски милји под дното, можеби и повеќе. Паднати на коленици пред портите на Европа со сета наша летаргичност, малодушност, индиферентност, апатичност и отуѓеност, го чекаме лифтот да дојде, ама го нема. Расипан е.
Расипан колку што ни е расипано општеството. Болен како што ни е болен системот. Висок стадиум на карцином со метастази и дегенеративни промени. Ниту мајстор го поправа, ниту доктор го лекува! Па и кога подобро ќе подразмислам нема кој да го поправа и лекува. Мајсторите одамна парче леб вадат низ Германија, Шведска, Швајцарија, Словенија, некои и подалеку преку океаните во Америка и Австралија.
Оти тука нема леб. Лекарите и медицинските сестри се разотидоа претежно по германските клиники, каде што се цени дипломата, каде што се има почит кон белиот мантил, каде што не се гази достоинството на медицинските лица, каде што месечните примања се доволни за пристоен живот. Таму има и лекови за болните. Таму не молат за терапија за да може да преживеат уште еден ден. Таму човечкиот живот нема цена, има вредност. Не ви се потребни врски за да се лекувате.
Пред очи не коси чумата, ама ние сме толку рамнодушни што ништо не не допира. Секојдневно ни заминуваат цели семејства. Заминуваат каде што има иднина за децата, каде што наставата е нормална, а учениците имаат учебници. Заминуваат каде што нема секојдневни дојави за бомби во училиштата. Заминуваат каде што политиката ги држи своите раце подалеку од образованието за да не го извалка. Заминуваат каде што децата учат за да научат. Таму каде што се негуваат вистинските вредности. Каде што културата е на високо ниво. Каде што партиски кадри не ги чекаат годишните конкурси за да профитираат со проектчиња што немаат “к” од култура. Каде што националните програми не се прават со партиски списоци. Каде што комисиите одлучуваат самостојно без партиски притисоци.
Заминуваат далеку од тука каде што се чувствуваат безбедно и сигурно, каде што функционира системот на безбедноста и одбраната. Таму каде што не бегаат и не умираат затвореници. Заминуваат таму каде што народните пратеници не се платеници што профитираат на грбот на народот, не манипулираат со тие што ги седнале на позициите. Заминуваат цели семејства каде што има живот. Оти кај нас откако дојде животот, секој ден е умирачка и има и стресови и нервози, сѐ освен живот.
Не дека и таму каде што одат им цветаат рози, ама барем живеат. Да, нашите таму се граѓани од втор ред, ама барем во туѓа држава се. А и навикнати се. Тука во својата татковина станавме граѓани од втор ред оти се си дадовме, се распродадовме, коренот си го потсековме. Ама така ни диктираат, така ни свират, така играме. Се навикнавме други да ни кажуваат како ќе се викаме, од кога постоиме, каков јазик говориме, како химната да ја пееме… Заминуваат луѓето… И ќе заминуваат…ќе заминуваат додека не заминат оние кои што час поскоро треба да си ја признаат неспособноста како злодело кое и е нанесено на Македонија. Во овој момент, оставката е чин на морална одговорност. Ама ниту морал, ниту одговорност. Господ нека ни е на помош. Отидовме уште 20.000 географски милји под дното.