Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти денеска дека е завршена поправката на клучниот далновод што ја поврзува нуклеарната централа Запорожје во Украина со надворешната електроенергетска мрежа, но предупреди дека објектот и натаму се соочува со сериозни ризици за нуклеарната безбедност.
Агенцијата на ОН наведе дека технички сложените работи биле изведени во услови на локален прекин на огнот, постигнат со посредство на МААЕ, по обемното деминирање на теренот. Целта била да се подобри снабдувањето на централата со електрична енергија од надворешната мрежа и да се намали ризикот од нуклеарна несреќа.
Сепак, поправениот 750-киловолтен далновод „Днипровска“, кој е исклучен од март, сè уште не е повторно пуштен во употреба бидејќи трафостаницата на која е поврзан, лоцирана повеќе од 100 километри северозападно од централата, претрпела сериозни оштетувања.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Маријано Гроси, предупреди дека повторените оштетувања на електроенергетската инфраструктура од која зависат нуклеарните централи и натаму создаваат сериозни ризици за нуклеарната безбедност.
Тој повторно повика на максимална воена воздржаност околу сите нуклеарни постројки и енергетската инфраструктура што им е неопходна.
Гроси оцени дека локалниот прекин на огнот бил најсложениот од шесте привремени прекини што МААЕ ги посредувала од крајот на минатата година.
– Беа потребни повеќемесечни внимателни преговори, потоа расчистување мини и поправка на високонапонските столбови преку реката Днепар – изјави тој, додавајќи дека и Украина и Русија овозможиле работите да се реализираат.
Според него, тоа покажува дека конкретен напредок е можен и во услови на голема војна.
Тимови на МААЕ го следеле извршувањето на работите во сложени услови, вклучително и поради активноста на беспилотни летала во близина.
Најголемата нуклеарна централа во Европа е под руска контрола од март 2022 година, а експерти на МААЕ се постојано присутни на локацијата од септември истата година поради загриженоста за нуклеарната безбедност.




