Русија се заканува дека може да им ги одземе руските дозволи за работа на телевизискиот канал Франс 24 и на германската медиумска куќа Дојче веле поради кршење на рускиот медиумски закон.
Руската агенција „Роскомнадзор“ го соопшти тоа веднаш откако француската агенција за контрола на медиумите упати остар приговор до рускиот сателитски ТВ канал РТ поради „некоректниот“ извештај за наводни напади со хемиско оружје во Сирија.
Француската агенција соопшти дека преводот на коментарите од Сиријците, кој го емитувал РТ Франс, не бил точен.
РТ Франс во соопштение ја призна својата грешка во преводот на коментарите на сирискиот очевидец на француски јазик, но истакна дека тоа била само техничка грешка која во меѓувреме е исправена.
„Роскомнадзор“ во своето соопштение нагласува дека содржината која ја емитува Франс 24 е „под контрола на странски правен ентитет“, со што е прекршен рускиот закон од 2015 година, според кој странските ентитети не можат да контролираат повеќе од 20 отсто медиуми кои емитуваат програма во Русија. Руската агенција би можела од судот да побара на рускиот ентитет Медиумски комуникации да му се одземе лиценцата за емитување програми на Франс 24 во Русија.
Директорката на РТ, Маргарита Симонијан истакна дека „за разлика од останатите, Русија може себе си да си дозволи луксуз на реципрочни мерки“.
Во меѓувреме, одборот на Горниот дом на рускиот Парламент соопшти дека ќе побара од „регулаторните власти“ да испитаат како германската медиумска куќа Дојче веле го почитува рускиот закон, во спротивно би можело да му се одземе лиценцата за работа.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера соопшти дека Дојче веле објавил „навредливи“ текстови на социјалните мрежи.