Малолетен навивач на Атлетико Мадрид го загуби животот синоќа за време на прославата на титулата на новиот шпански фудбалски првак.

Како што објави мадридскиот весник „Ел Паис“, 14-годишниот навивач на Атлетико се возел во комбе и со половина од телото бил излезен од прозорецот на возило веејќи го клупското знаме при што удрил со главата во бетонски столб.

Медиумите јавија дека навивачот починал и покрај брзата лекарска помош, а според првите наоди од истрагата, трагедијата се случила кога возилото влегло во подземен паркинг во центарот на Мадрид.

Илјадници навивачи на Атлетико синоќа во шпанската престолнина ја славеа шампионската титула до која тимот на Диего Симеоне дојде по триумфот на гостински терен над Ваљадолид (2:1) во последното коло во Ла Лига.