Претседателот Николас Мадуро порача дека Венецуела ќе ги штити своите идеали и дека е минато времето на државни преврати и интервенции.
– Нема да запреме додека не ги поразиме силите кои сакаат преврат, да интервенираат во политичкиот живот на Венецуела и настрана да го тргнат нашиот суверенитет и да востановат марионетска администрација на американската империја, наведе Мадуро во пораката преку Твитер.
Мадуро положи заклетва на 10 јануари за втор претседателски мандат, по изборите минатата година кои опозицијата ги бојкотираше поради наводни нерегуларности. Националното собрание на Венецуела објави дека местото за претседател е празно откако Мадуро беше инаугуриран.
САД и државите од Групата Лима, освен Мексико, одбија да го признаат неговиот втор избор за претседател. Опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се прогласи за в.д. претседател на Венецуела, а неколку држави го признаа.
Денеска францускиот претседател Емануел Макрон, шпанскиот премиер Педро Санчез, германската Влада и ЕУ се заканија дека ќе го признаат Гуидо за претседател ако во текот на нареднава недела не бидат распишани избори.
Лидерот на владејачката партија, Диосдадо Кабељо изјави дека лидери како шпанскиот премиер Санчез треба два пати да размислат пред да и продаваат демократија на Венецуела:
– Кој него го избра?- рече Кабељо.
Санчез стана премиер по пат на договарање во парламентот откако неговиот претходник поднесе оставка поради наводи за корупција.
Кабељо на насобраните приврзаници им рече дека „никој не смее да дојде и да им наредува“ на властите на Венецуела.