Венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави дека државата прекинува дипломатски односи со САД заради „обид за преврат“, откако Вашингтон го призна претседателот на Парламентот, Хуан Гуаидо за времен претседател на државата.

Мадуро им даде на дипломатите на САД 72 часа да ја напуштат Венецуела.

Десет држави во Јужна Америка веќе го следеа примерот на САД и го признаа Гуаидо за законски претседател на Венецуела.

Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме изјави дека се разгледуваат „сите можни сценарија“ за одговор на Вашингтон.

Државниот секретар Мајк Помпео ја повика венецуелската армија да се вмеша и да ги поддржи обидите за демократија.

Од своја страна, Мадуро ја повика судската власт и армијата да го заштитат „чудото на боливарската револуција“ и да ја „заштитат венецуелската демократија“ со тоа што ќе покажат максимално единство и лојалност.

Спореде весникот Ел Паис, Гуаидо објавил писмо во кое ги уверува сите странски дипломати во Венецуела дека неговата институција „ќе продолжи да одржува дипломатски односи со оите држави во светот“ и бара да не даваат внимание на наредби од Мадуро за напуштање на државата.