Американскиот претседател Доналд Трамп денеска упати писмо до претседавачката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во кое порачува дека би сакал традиционалното годишно претседателско обраќање пред Конгресот, познато како „За состојбата на Унијата“, да го одржи на 29 јануари.

– Би било тажно кога говорот за состојбата на Унијата не би се одржал на време и што е уште поважно – на вистинското место, наведува Трамп во писмото до Пелоси, чија содржина ја објави Белата куќа.

Пелоси претходно го замоли Трамп да разгледа можност за одлагање на своето годишно обраќање пред Конгресот, со образложение дека постојат „потенцијални безбедносни проблеми“, поради делумната блокада на федералната администрација.

Согласно Уставот на САД, претседателот е должен еднаш годишно пред Конгресот да поднесе извештај „за состојбата на Унијата“.