Унгарските финансиски институции и телекомуникациската инфраструктура пред два дена претрпеле силен кибер напад од компјутерски сервери лоцирани во Русија, Кина и Виетнам, соопшти денеска телекомуникациската компанија „Маѓар телеком“.
Институциите и инфраструктурата доживеале таканаречен DDoS напад во кој хакерите ја преплавуваат мрежата со невообичаено голем интернет сообраќај со цел да ја парализираат.
Овој напад беше 10 пати помоќен од вообичаените DDoS напади, соопшти „Маѓар Телеком“.
„Ова значи дека во однос на големината и комплексноста ова беше еден од досега најголемите хакерски напади во Унгарија“, додаде телекомуникациската компанија.
Нападот се случил во неколку бранови, нарушувајќи ги услугите на некои финансиски институции и нарушувајќи некои услуги на „Маѓар Телеком“ во делови од Будимпешта.