Ирачкиот премиер во оставка Адел Абдел Махди денеска изјави дека американскиот напад при што се убиени иранскиот генерал Касем Сулејман и командантот на проиранските ирачки милиции Абу Махди ал Мухандис ќе предизвика војна во земјата и во регионот.

– Убиство на ирачки воен командант, кој има официјална функција е агресија против Ирак, ирачкиот државен апарат, ирачката Влада и ирачкиот народ, посочи Махди.

Убиениот ал Мухандис беше втор човек во Хашд ал Шааби, паравоена проиранска група, која минатата година стана дел од ирачките безбедносни сили.

– Израмнувањето на сметки со иранските раководни лица или со пријателска земја на ирачка територија е флагрантно кршење на условите, што дозволуваат присуство на американските војници, посочи Махди.

Поради најновите настани Махди побара вонредна седница на ирачкиот Парламент.