Жално е во 21. век кога има лек за оваа болест да умираат пациентите со цистична фиброза. Многу сме револтирани од предолгото чекање и одлучување дали да се донесе лекот и за колку пациенти. Нема веќе време за чакање, рече Ирена Василевска, мајка на дете болно од цистична фиброза.
Асоцијацијата за цистична фиброза денеска во 14 часот дојдоа пред Владата, револтирани од односот на државата од која со години го бараат лекот „трикафта“ за нивната болест. Вчера почина Благојче Илиевски, болен од оваа ретка болест чекајќи го лекот кој можеше да му го спаси животот.
Пациентите со цистична фиброза не може повеќе да чекаат ниту една минута. Ги замолувам сите надлежни да го донесат лекот за сите 60 пациенти коишто се подобни за кафтио. Ако порано се одлучеше, Благојче можеби ќе беше живо, рече Василевска, која додаде дека се дојдени пред Владата за да му одадат почит на нивниот соборец благојче којшто ја загуби битката со ретката болест.
Пред денешниот протест пред Владата, министерот за здравство Беким Сали на фејсбук објави дека се обезбедени 140 милиони денари за лекот „Трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза.
Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 денари се зголемува на 703.504.040 денари, односно за дополнителни 140 милиони денари, кажа Сали.