Покрај Камчев и брачниот пар Самсоненко, на „црната листа“ завршија и пет фирми од Северна Македонија кои се поврзуваат со нив. Меѓу нив и „Орка Холдинг“ и „Систина лајф кеар центар“, соопшти Американското Министерство за финансии.

Ратка Куноска-Камчева, која е мајка на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко се новите личности од Северна Македонија кои завршија на „црната листа“ на САД.

Сите тројца, се наведува во извештајот од американското Министерство за финансии објавен денеска, на 15 ноември, се поврзани со Јордан Камчев.

Камчев беше ставен на црната листа на САД на 19 јули годинава, како едно од лицата кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување.

Во ажурираната „црна листа“, Агенцијата за контрола на странски имоти во Министерството за финансии на САД, смести и неколку фирми поврзани со Камчев и Самсоненко:

„Бет сити интернешнал“, компанија за рекламирање, маркетинг и услуги – поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев;

„Камчев Консалтинг“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;

„Орка Финанс“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;

„Орка Холдинг“ – поврзана со Јордан Камчев;

„Систина лајф кеар центар“ – поврзана со Ирина Самосоненко.

Покрај тројцата државјани од Северна Македонија, на американската црна листа се додадени уште седум лица од земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

Во однос на фирмите, пак, покрај петте од земјава, додадени се уште 15 други од регионот и од Русија