Независниот Синдикат на камионските транспортери на Македонија „Макамтранс“ и независниот Синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото бараат од надлежните институции да покренат постапка и веднаш да бидат вратени во првобитната состојба објектите кои, како што велат, се противправно изградени на паркингот за тешки возила спроти ФОН што е во нивно владение.
– Нема ниту една законска постапка со која овој плац би можел да биде предмет на било каква купо-продажба или лицитација, бидејќи не е учесник синдикатот и државата не ги исполнила членот 5 и 6 од договорот со кој плацот е даден во владение на синдикатот. Во овие членови се вели дека за да може да дојде до пренамена на земјиштето од плац за паркинг на возила во плацови за изградба на станбени објекти треба согласност да даде синдикатот, рече Страшо Јованов од „Макамтранс“ на денешната прес-конференција пред плацот на кој сега се градат станбени објекти.
Тој посочи дека со денешното поставување порта на влезот од паркингот „се уриваат и се затвораат сите правни државни иституции“. Прецизира дека плацот му бил даден во владение на синдикатот во 2002 година и, како што рече, по узурпацијата од Билјана Муратовска во 2004 година со судска извршна пресуда во 2009 година повторно им бил вратен во владение за што покажа договор.