Една интересна приказна за македонски уметник родум од Битола, кој во Македонија е непознат, но направил успешна кариера во САД.

Станува збор за Благојче Стојановски, кој досега низ Америка имал стотина изложби и само една во Битола. Тој има студија и галерии во Њујорк, Ајдахо, Мичиген, Јосемити, Кармел… Основач е на ликовни школи низ Калифорнија, предавач на Универзитетот во Стенфорд, напишал 5 книги итн.

Приказната за него е преземена од Фејсбук страницата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 и подолу ја објавуваме онака како што е напишана од авторот на истата:

На почетокот на февруари бев службено на една конференција за фотоника и оптика во Сан Франциско, Калифорнија. Секогаш кога патот ќе ме однесе натаму, се трудам да се сретнам со моите пријатели од младоста кои пред децении од Скопје заминаа на гурбет таму, а денес се многу успешни во своите струки.

Се договоривме со другарите да поминеме ден заедно во живописното селце Кармел (Carmel by the sea) на брегот од Тивкиот Океан. Градчето е сместено во едно заливче со бисерно-песочна плажа оградена со карпести сртови. Кармел е мал рај на земјата – плажата е полн со серфери , а кај карпите се сунчаат и брчкаат морски лавови и пеликани. Магнет е за богати и славни. Местото е познато по неговиот долгогодишен градоначалник -актерот Клинт Иствуд, и неговите славни жители- писателот Џон Стајнбек („Глувци и луѓе“), музичарите Карлос Сантана, Дорис Деј, Кени Логинс, и секако најпознатиот жител – актерот Бред Пит.

За мене Кармел е интересен за една друга работа – полн е со галерии и антикварници. Не е лесно да си уметник и твојата слика да е во некоја од тие галерии. Уметноста и антиките во овие продавници се од прва класа, и по квалитет и по цена.

Случајно избравме еден италијански ресторан по име Џовани (Giovanni) за вечера. Кога влеговме во ресторанот, глетката нѐ стаписа – ѕидовите беа насликани од горе до долу. Темата на фреските беше исто неочекувана – сцени од Париз. Чудна тема за италијански ресторан. Но си реков, ај за Американците – Италија или Франција, Париз или Рим тоа им е исто, и двете се во Европа и таму се јади добро. Но најголемото изненадување беше потписот од сликарот – БЛАГОЈЧЕ!

„Благојче мора да е наш човек!“ си прокоментиравме со пријателите. Го повикавме сопственикот на ресторанот да нѝ кажи нешто повеќе за сликатор.
Сопственикот, господин Џовани со семејно потекло од Сицилија нѝ кажа дека ресторанот до неодамна бил француски (“Bistro Beaujolais”), дека сега е италијански ресторан, но му било жал да ги отстрани муралите затоа што се работело за дела од познат локален сликар од Кармел – Благојче.

Господинот Џовани со својот итало-калифорниски акцент и објасни дека Благојче дошол во Кармел пред многу децении „ …Фром Ма-се-доуниа…“. Минатата година, Благојче се отселил кон националниот парк Јосемити да бара ликовна инспирација по трагите на еден од најпознатите американски фотографи Ансел Адамс (Ansel Adams) (1902-19184) ( кој бил исто и самиот жител на Кармел,а поминал голем дел од својот живот во паркот Yosemite).

Веднаш рипнавме да го бараме сликатор на интернет. И го најдовме. Човекот има многу интересна веб страница: blagojcefineart точка com.

Станува збор за господин Благојче Стојановски, родум од Битола. Учествувал во конзерваторска работа во Битола и Хрватска, пред да се отсели во Америка во 1988 година. Пристигнал во Калифорнија во 1995 каде што се вселил во Монтереј , близу Кармел, каде што има свое студио и галерија. Во следните три декади , човекот имал фрапантно успешна кариера – има студија и галерии во Њујорк, Ајдахо, Мичиген, Јосемити, Кармел, имал 100-тина изложби низ Америка, основач е на ликовни школи низ Калифорнија, предавач на Универзитетот во Стенфорд , напишал 5 книги, започнал да се бави и со вајарство. И на сето тоа, учествува и води еден куп химанитарни иницијативи, а е активен е со македонската дијаспора во САД. На неговата веб страница има импозантна листа на поединци од филмот , музиката (нашиот Симон Трпчевски меѓу нив), политиката и академијата кои се сопственици на негова слика.

Стилски, неговите слики флуктуираат помеѓу француски импресионизам и симболистички експресионизам од Шагал. За мој вкус, можеби премногу комерцијално, но тоа е Америка, човекот очигледно црта она што бара пазарот.

Во Македонија човеков е целосно непознат. Имал една изложба во Битола во 2011 година, во рамките на иселеничка средба. За оваа изложба има еден штур напис на некој си битолски портал. И толку.

Мислам дека Благојче заслужува повеќе внимание кај македонската јавност. Очигледно дека се работи за неуморен борец кој успеал да се пробие во многу тежок уметнички пазар каков што е Кармел. Сигурен сум дека човекот носи во себе многу интересни приказни од неговите живот. Со овој текст воедно упатувам повик до нашите медиуми во #Македoнија да го контактираат и да направат интервју со него.

(Подготви: Д. Г.)