МАКЕДОНЦИ ОД ИТАЛИЈА НЕ МОЖAT ДА СЕ ВРАТАТ ВО МАКЕДОНИЈА: Србија не ги пушта да поминат!

/ 11.03.2020

Согласно вчера донесените мерки на српската Влада за забрана за влез на странски државјани кои доаѓаат од жариштата на вирусот Ковид-19, од преминот „Батровци“ на границата на Србија со Хрватска денеска се вратени дваесетина автомобили со околу 50 патници, меѓу кои повеќето македонски државјани кои работат во северниот дел на Италија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, новите мерки не се применуваат само во патничкиот, туку и во товарниот сообраќај, поради што од граничните премини се вратени и неколку камиони.

Српските гранични служби ја имаат потребната заштитна опрема – ракавици, маски и средства за дезинфекција, а по потреба користат и заштитни костими.

Српските државјани кои доаѓаат од Италија подлежат на сите мерки на заштита, како и другите патници. По контрола на санитарната инспекција, досега немало потреба да се преземат дополнителни мерки за надзор.

Од вчера, во Србија привремено се укинати летовите од земјите кои се жаришта на вирусот, меѓу кои се Италија и Швајцарија.

Кога станува збор за аеродромите, странските државјани кои доаѓаат од државите каде што коронавирусот е жариште, не можат да ја поминат граничната контрола, каков што беше случајот вчера, кога од нишкиот аеродром беа вратени сите странски државјани кои пристигнаа во Србија од италијанскиот град Бергамо, додека српските граѓани беа упатени во домашна самоизолација.


Од истата категорија