Со векови сме опстоиле и покрај сите голготи, ќе ја преживееме и оваа агресивна бугарска асимилаторска кампања, порачува Македонското друштво Илинден од Тирана, пред утрешниот почеток на пописот на населението и домаќинствата во Албанија.
Тие ги повикаа сите Македонците во Република Албанија да се изјаснат за она што се – Македонци, и да го зачуваат својот македонски идендитет.
– Од утре до 30 октомври тимовите на ИНСТАТ ќе тропнат на вашата врата за собирање податоци за пописот на населението и домаќинствата. Не потпаѓајте под никакви влијанија, нека не ве заплашува никој и ништо. Главата горе и изјаснете се за она што сме – Македонци, порачува Илинден од Тирана.
Друштвото ги повикува Македонците да одговорат на сите прашања и на оние за етничката и религиска припадност, како и за јазикот иако за овие три прашања во формуларот одговорот не е задолжителен. Посочуваат дека има можност да се провери дали дадениот одговор е правилно внесен во таблетот од страна на попишувачите.
– Нѐ има насекаде низ Албанија. Главно сме концентрирани во областите Мала Преспа, Врбник, Гора, Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади не има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Кукс, Фиер и во други градови. Со векови сме опстоиле и покрај сите голготи, ќе ја преживееме и оваа агресивна бугарска асимилаторска кампања, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај – претседател на друштвото.
Осудувајќи ја, како што вели, бугарската асимилаторска кампања, тој порачува дека е убеден оти Македонците ќе се изјаснат за она што се и никако поинаку.