Граѓани вчера масовно купуваа авионски билети од лажна интернет страна, а кога сфатиле дека станува збор за измама вртеле во банките да им ги блокираат картичките, пишува СДК.

На социјалните мрежи се појави лажна интернет страна со слично име како нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ на која пишува дека нудат два авионски билети само за еден долар. Оваа промоција, како што стоеше на сајтот, е во рамките на одбележување на 15-годишнината на авиокомпанија.

Голем број граѓани наседнаа на оваа лажна страна и на своите Фејсбук профили објавуваа дека купиле билети и му се заблагодаруваа на „Визер“ за промоцијата. При купување на картите тие на лажната страна ги внесуваа и податоците од картичките.

Но, за кусо време, дел од граѓаните кои купиле билети открија дека станува збор за измама и лажна интернет страна, па масовно вртеле по банките да им ги блокираат картичките.

„За сите што аплициравте за два билети на „Визер“ за еден долар и ги оставивте оригиналните податоци од вашата картичка под итно да се јавите во банка да ви ги блокираат картичките ако не сакате да се разбудите со нула денарите на вашата сметка“, пишуваа граѓани на социјалните мрежи откако открија дека станува збор за измама.

Во Министерството за внатрешни работи велат дека до сега кај нив никој не пријавил случај за лажната страна.

„Ние постапуваме доколку има пријава до нас. За овој случај со продажба на билети за еден долар од „Визер“ немаме пријава“, велат од МВР.