Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес конференција по повод гласањето на Законот за ратификација на договорот со Грција во Собранието да се донесе по скратена постапка. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на прес-конференцијата истакна дека со ваквиот договор Македонија самата ја поништува и суспендира меѓународно-правно валидната пресуда која беше во наша корист.

– Дури и во меѓународниот суд на правдата има повеќе почит и владеење на правото, отколку што тоа го има Собранието на, сѐ уште, Република Македонија. Со ваквиот договор, Македонија се откажува од напорите и успесите на сите влади кои беа крунисани од 140 земји кои не признале под уставното име. Затоа е јасно зошто владата го злоупотребува европското знаменце. Не сака да има отворена и сериозна расправа. Сакаат што побргу да го изгласаат и тоа е доказ дека договорот има фалинки, рече Милошоски.

Тој рече дека Република Македонија имала многу претседатели, Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски… И никој не потпишал ваков договор кој ја доведува државата во потчинета положба.

– Тоа е најголемото предавство на оваа влада. Зошто ја избегнуваат матичната комисија која можеби ќе расправаше 3 или 13 дена, праша Милошоски откако беше одлучено наместо во Комисијата за надворешна политика, каде претседател е Антонио Милошоски, за спогодбата со Грција да се расправа во комисијата за Евроинтеграции во која претседател е Артан Груби.