Пред еден од најголемите христијански празници, Рождеството Христово-Божик, се слушна екот од новата камбанарија во манастирот „Света Марена“ кај Туминец, Мала Преспа, која му недостигаше на овој божји храм.
-По долго исчекување нашиот познат манастир доби најсовремена камбанарија. Тоа благодарение на помошта на Македонците од Мала Преспа и од цела Македонија, кои живеат во Канада. Тие на дарителна вечер, во февруари минатата година, организирана од македонската црква „Света Недела“ во Канада, собраа 20 илјади канадски долари, наменети токму за манастирот и камбанаријата, изјавија за МИА од Црковниот одбор.
Додаваат дека по обезбедените средства, во присуство на Македонци од Мала Преспа, изградбата почнала во средината на март, со благослов на корчанскиот владика г. Јован.
– Благодарност до нашите браќа и сестри во Канада, но и до сите кои донираа за манастирот. Нека ги прати божјиот благослов и да им даде здравје и благосотојба. Нека камбаната бие само за убави нешта. Посакуваме и среќно ново 2024 господово лето, со желби за добро здравје, мир и багосостојба, посакуваат од одборот.
Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители
Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Лоциран е на 50-тина метри од брегот на Преспанско Езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.
Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се тука. Во манастирската црква се чуваат поголем дел од моштите на светицата, каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Фото: Црковен одбор