Само неколку километри од македонската граница, распослани на брегот на Преспанското Езеро жителите од девет села со чисто македонско население во областа мала Преспа, им пркосат на предизвиците на денешнината, сиромаштијата, миграцијата, борбата за опстанок. Со жар во очите велат „ние сме Македонци, Македонија ја носиме во срцето, таа е наша матична земја и среќни сме што Албанија ни дозволи во училиште да го изучуваме мајчиниот – македонскиот јазик“. МИА направи обиколка, поразговара со дел од малкумината останати, пред се повозрасни жители, си ги раскажаа животните приказни со надеж за подобро утре.
По редовните законски процедури на граничниот премин „Стење“, по нов асфалтен пат се упативме кон Пустец. Недопрената природа, плени со својата убавина, полето ги распослало своите зелени килими, над нив се издигаат планините, додека од левата страна блеска тиркизното Преспанско Езеро. Попатно отпоздравуваат неколкуте таверни и ресторани, а наша прва дестинација е таверната „Васил“, 30 годишен бизнис на семејството на Васил. По кратката пауза продолживме кон нашата цел, селото Пустец, административен центар во областа Мала Преспа, која ја сочинуваат селата Туминец, Горна и Долна Горица, Глобочани, Шулин, Леска, Пустец, Зрновско и Церје.
Емиграцијата и немањето работа ги остави куќите празни
Соочени со безработица и борбата за подобра иднина, младите ги напуштаат селата. Информациите до кои дојдовме говорат дека во деветте села во Општината Пустец од регистрираните 5.200 жители, моментално живеат помалку од 2.000 лица, најголемиот дел пензионери. Малкуте останати млади се пред се вработени во јавната администрација, локалната самоуправа и училиштето, а некои ги бројат деновите до напуштањето на родното огниште. Група од четириесеттина жени од Мала Преспа пак, со организиран превоз секојдневно патуваат на работа во локална конфекција во Стење, во Република Македонија.
Оние што ги сретнавме со посебна ведрина говорат за своите корени и македонштината, велат дека иако географски се наоѓаат во друга земја за нив единствена татковина е Македонија.
Местото е печалбарско, а мал дел од мештаните се занимава со рибарство и земјоделство на традиционален начин. Како превозно средство повозрасните го користат магарето. Тука забележавме стада магариња, кои слободно си пасат во полињата. Селата располагаат со солидна инфраструктура, до сите населени места водат асфалтирани патишта, повеќето улици се асфалтирани или поплочени, имаат струја, водоводи, а канализација има само во две села.
Животниот стандард за некој е висок, за некој издржлив. Вработените во јавниот сектор, со повисоки плати и пензии полесно се справуваат со месечните трошоци, додека оние што работат приватно велат дека едвај врзуваат крај со крај. Просечната плата во образованието била околу 800 евра, додека просечната пензија кај земјоделецот и обичниот работник со над 40 години стаж се движела од 150 до 200 евра. Основните прехранбени продукти се поскапи, и затоа ги набавуваат од Македонија, најчесто пазарат во Ресен каде им се и првите блиски маркети. На иста оддалеченост имале и маркети во Корча, но квалитетот на продуктите велат бил подобар во Македонија. Земјоделските производи, зеленчукот, овошјето, пак, се двојно поефтини кај нив, но секое семејство си произведува за сопствени потреби. Килограм крап во ресторан е 10 до 12 евра, а свежа риба може да се купи за три-четири евра.
– Стандардот на живот е речиси како во Македонија и платите се подобруваат. Во образованието е околу 800 евра просечна месечна плата. Тоа значи за нормален и достоинствен живот. Цените на основните животни продукти се како во Македонија, ама нафтата е поскапа во Албанија, истакна Трајан Вангеловски, просветен работник.
Поранешниот портпарол на Општина Пустец, сега пензионираниот Ефтим Митревски, кој е и главен и одговорен уредник на весникот на македонски јазик „Преспа“, потпретседател на македонската партија и борец за правата на Македонците во Албанија, не прошета низ селата и заедно со мештаните одблиску ни го долови секојдневниот живот. Со тага говореше за иселувањето на младите.
– Младите заминаа во Западна Европа за подобар живот. Се селат цели семејства, рече Митревски.
Тој се заблагодари што, како што нагласи, МИА се сети да дојде да ја види местоположбата на Мала Преспа и состојбата како живеат Македонците во Албанија и да направи репортажа.
– Живееме во Преспа под Албанија, граничиме со Македонија и нашето население тука пред 1990 година броеше 5.600 македонци. Тука се школуваа, завршуваа основно и средно образование. Албанија како држава дозволи во ова подрачје, овие девет села кај што живеат македонци од 1945 година до денеска да се изучува македонскиот мајчин јазик. За жал македонскиот јазик не се изучува во другите две области кај што живее чисто македонско население, Голо Брдо и Гора, рече Митревски.
Дека вработувањето е најголем проблем, се согласува и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, кој смета дека е потребна фабрика во општината што ќе ги задржи луѓето тука, но и да овозможат подобри услови за враќање на иселените.
– Најголем проблем е вработувањето. Сме разговарале за ова, со инвеститор кој има фабрика во блиската општина Малиќ, да отвори нешто и тука. Но, според неговите анализи смета дека треба да има повеќе луѓе за да можат да работат. Мислам дека ќе може да се помогне ако се сака да се помогне и од Македонија да може некој бизнис да отвори во нашиот крај, некоја работилница, каде младите ќе можат да се вработат, рече Колефски.
Недопрената природа магнет за туристите
Убавата природа и чистиот воздух се рај за туристите. Посебно врнимание ни привлече хигиената. Најчести посетители, посебно за викендите се преспани од македонска страна, битолчани, прилепчани, па и охриѓани, кои одат да уживаат во прекрасно зготвениот преспански крап. Но, покрај нив, селата во Мала Преспа секојдневно ги посетуваат и туристи од Германија, Холандија, Полска, Косово, Албанија… Преспанското крајбрежје е исполнето со кампери, кои забележуваат дека условите, немањето елементарни кампинг инфраструктура не им дозволува да останат подолго.
Законот пак, не дозволува изградба на хотели и сместувачки капацитети, во рамките на Националниот парк Преспа, што е причина која не дозволува развој на туризмот во регионот. Близината до преспанскиот бисер, островот Мал Град, пештерските и другите цркви од византискиот период се уникатна можност за развој на туризмот.
– Во рамките на Преспа национален парк има закони, кои се однесуваат во заштита на природата. Строго е забрането било каква градба што го кочи развојот на туризмот и езерскиот брег. Од културни споменици може да се понудат пештерските цркви ги има во трите села, Туминец на границата со Република Македонија и Глобочани, кои се паралелно со Нивици, село во Преспа во Грција, ги има и во Пустец. Во пештерските цркви е покажана древноста на постоењето на православниот народ. Тука е и музејот на Стерјо Спасе, македонски писател, кој предизвикува голем интерес и кај туристите и кај албанското население, вели Ефтим Митревски.
Областа има предиспозиции за развој на рурален туризам, што полека почнуваат да го применуваат неколку семејства.
Во селото Глобочани поразговаравме со туристи од Полска, кои патувале низ цела Албанија.
– Спиевме во Корча и сега шетаме околу Преспа, а потоа ќе продолжиме кон Охридското Eзеро. Прв пат сме во Преспа, не фасцинира природата и езерото, а и цените на храната во рестораните се многу ниски, рече парот од Полска.
На крајбрежјето распослани се седум-осум таверни, а меѓу нив е и 30-годишниот семеен бизнис на Васил, лоцирана на патот кон Пустец, во селото Долна Горица. Газда Васил е задоволен од работата. Работа вели има преку целата година, а ниските цени и добрата храна ги привлекуваат гостите од околните градови од Македонија.
– Триесет години работам со таверната. Презадоволен сум. Работиме преку цела година, но во летниот период секогаш се бара место повеќе. Доаѓаат гости од Битола, Прилеп, Ресен, а чести се и странските туристи. Ги има од секаде во светот, Германија, Холандија, Полска… Македонците доаѓаат најмногу на риба, а најбаран е крапот, вели Васил.
И во останатите таверни најчести гости се македонските граѓани, но со вкусната преспанска храна, свежата риба и локалниот зеленчук и млечни преработки се сладат и сите добронамерници кои дошле да уживаат во раскошната природа.
И градоначалникот е согласен дека треба да се направат повеќе сместувачки капацитети и да се инвестира во развој на туризмот. Посочи дека организираат настани за промоција на туризмот, а на крајот од месецов официјално ќе ја отворат туристичката сезона со манифестација на која ќе ги презентираат можностите што ги нудат пред тур-оператори.
– Бројот на туристите последните години е се поголем. Има што да се види тука, уникатни стари цркви од византискиот период. Природата е прекрасна, планина, езеро…, рече Колефски.
Преспанското Езеро пак, како и на македонска страна, така и на албанска се намалува, според информациите на градоначалникот, било намалено, а локалната самоуправа бара начини и се труди како да го зачуваат природното богатство со намалување на загадувањето и инвестиции во колекторски системи.
Пописот предизвик за Македонците што сакаат бугарски пасоши
Покрај предизвикот со миграцијата, Македонците во Албанија неодамна се соочија и со бугаризација, односно притисок од бугарската влада на пописот да се изјаснат како бугари од што зависело нивното издавање на бугарски пасоши. Некои ги обвинуваат тогашната македонска власт, но и опозицијата дека не сторила доволно да ги заштити, други пак се гледаат како херои што се избориле да ја задржат македонштината. Заедничка е забелешката кај сите на долгиот процес за издавање македонско државјанство за кое се чекало со години.
– За пописот, според мене, во Преспа излеговме херои по сите притисоци и бенефиции со бугарските пасоши. Бугарија е членка на Европската унија и е помоќна од нашата матична држава. Со сите притисоци 80 проценти од населнието во Преспанскиот дел се изјаснија како Македонци, истакна Вангеловски.
Тој вели дека добивале поддршка од матичната држава, со забелешка дека и самите треба да си мислат за својата националност.
За тоа дека матичната земја не ги заборава, говори и фактот што целосно ги стипендира студентите, кои ќе одлучат да го продолжат образованието во македонските универзитети.
– Имаме традиција. Како Македонци го чуваме и се бориме да го заштитиме нашето културно и историско наследство што ни припаѓа. Овие се наши стари, вековни огништа тука биле нашите предци и тоа сакаме да си го зачуваме, дециден е Митревски.
Условите за учење одлични, но деца нема
Училишната зграда во Пустец, во која се сместени учениците од 1 до 8 одделение и гимназијата, како и градинката, ја начекавме празна. Децата беа на екскурзија, но директорот Трајан Вангеловски ни овозможи да го разгледаме училиштето, ни ја раскажа историјата и состојбата. Четириесет и деветте ученици учат во одлични услови, во реновирана училишна зграда, со нов инвентар и многу цвеќиња во училниците. Ѕидовите се излепени со пораки што потсетуваат кои се столбовите на македонскиот јазик, за правото да говорат на македонски јазик, но и изреки од македонските револуционери. Наталитетот најмногу опаднал од 2000 година, а Вангеловски кога почнал како наставник во 90-тите години на минатиот век имало 700 ученици. Сега има 38 основци и 11 средношколци или заедно со шестте подрачни и градинката во општина Пустец има вкупно 101 дете.
– Бројката е многу намалена, емиграцијата си го прави своето. Во цела Преспа, во сите села има вкупно 101 дете од три до 18 годишна возраст. Условите се прекрасни, особено по 2020 година. Претходно беа лоши, со помош на албанската и тогашната македонска влада реновирани се училиштето и дворот е уреден. Условите за учење се поволни, но деца нема, забележува Вангеловски.
Од прво до петто одделение, појасни, учениците учат на македонски јазик, освен албански јазик како предмет што задолжително го имаат. Од петто до деветто 60 отсто од предметите им се на македонски, а 40 проценти на албански јазик. Во средно пак задолжително учат на албански јазик, македонски учат како предмет.
Македонците во Пустец, нагласи, се рамноправни со останатите граѓани во Албанија.
– Во училиштата во Пустец се учи македонски јазик и никој не не попречува. Наставен кадар имаме доволно. Во Албанија има закон со кој, кај малцинствата неможе да има комбинирани одделенија. И едно дете да е, само учи. Имаме околу 30 наставници за 49 деца, истакна Вангеловски.
Пустец, административна престолнина во Мала Преспа
На 20-тина километри од македонско-албанската граница возејќи по патот кој води кон Корча, лево се исклучивме за Пустец, село со чисто македонско население. Низ тесните селски улички направивме куса обиколка за да го почуствувавме духот на Пустец. Покрај старите и камени куќи селото има и многу нови со убави фасади и уредени дворови. Многу од нив се со затворени порти и спуштени ролетни, што покажува дека никој не живее во нив. Тука е лоцирана општинската зграда, пред која немаше ниту еден државен симбол, а градоначалникот не беше тука, го најдовме подоцна во соседното Глобочани. Тука е и централното училиште во кое учат 49 ученици од прво одделение до четврта година средно, кои не ги затекнавме, беа на ескурзија.
Во разговорот со градоначалникот, тој откри дека населението бара подобра инфраструктура, за што добивале мала поддрша од албанската влада.
– Поддршката треба да биде поголема. Имаме поддршка во мали инвестиции, очекуваме подобри инвестиции годинава и следната. Инвестиции за отпадните води и за асфалтирање на патишта. Се работи и за плажата во селото Зрновско, почната е работата. добра инвестиција каде што луѓето ќе можат да развијат и некој приватен бизнис, додаде Колефски.
Попатно ги сретнавме Менка Николова и Тодора Колефска, две бабички седнати пред куќните порти. Си седат и си чекаат, ги чекаат најмилите, децата. Кога не видоа потскокнаа мислејќи дека сме некој од нивните или можеби им носиме абер од нив. Си поразговаравме, рекоа дека староста, не им дозволува повеќе да работат, на едната синот и е тука во Пустец, внуците и заминале во Америка и Бугарија, но другарката и останала сама, семејството и се преселило во туѓина.
– Убаво ни е тука, си се дружиме. Го чекам синот да дојде да ми донесе лекови. Стари сме веќе не болат нозете. Сакам многу да работам, ама неможам, старост. Кога бев млада, бев челик здрава, работев многу, сама ги пораснав децата, сега неможам попуштија нозете, треперливо вели 77-годишната баба Менка.
Баба Тодора пак, која е во 87-та година со болка во душата кажа дека е сама, децата и внучињата и заминале на печалба, се преселиле во Германија, Англија, а имала и во Охрид.
– Цел живот го поминав тука. Не одам никаде. Ми велат внучињата ајде бабо да те земеме, ама неможам стара сум, додава баба Тодора.
Кога ги прашав дали може да ги фотографирам, двете се поднаместија, низ насмевка рекоа „да сме убај“.
Движејќи се низ селото сретнавме средновечна жена, ги чуваше внучињата од помалиот син. И нејзиниот поголем син се преселил, отишол да живее во Охрид. Помалиот пак, чии деца ги чува, работел во Македонија со неговиот татко, додека снаата работела во Општината. Задоволна е од животот во Пустец и можноста семејството да е покрај неа.
И Глобочани ја дели судбината на Пустец
На враќање од Пустец скршнавме кон Глобочани, мало село со многу историја, лоцирано на езерскиот брег. И тука сликата е слична, со стари селски куќи, но и нови модерни зданија. Некои со катанци на портите, во други останале старите, но млади речиси и да нема, Останале само оние кои од лични или семејни причини неможат да заминат. Во селото има само две дечиња, близнаците на Ѓорѓи Митре, кои учат во основното училиште во Долна Горица. Поголемиот син на Ѓорѓи работи во Свети Наум, а преку границата работи и тој.
– Работам во Македонија, семејството ми е тука. Со кола одам и навечер се враќам. Животот е убав, но работа нема. Работата го држи човекот. Размислувам да си одам, но во моментот од приватни причини неможам. Имам три дечиња. Близнаци одат во основно училиште и поголемиот син работи во Свети Наум со туристи. Во лето децата одат во Корча кај баба им, тука нема што да прават немаат другарчињеа, нема со кој да играат, рече Митре, кој покрај мајсторката работа во Македонија одел сезонски и за берење јаболка и црешни.
И баба Кита, која си го уредуваше дворот, кога не виде со радост истрча кај портата. Се пожали дека пензијата и е мала, во куќата живеат сами со сопругот, пензионер. Вели дека животот во селото е убав, но оти годините не им дозволуваат да работат многу, но затоа се тука соседите, многу им помагаат рече.
На улица ја сретнавме и Долја, повозрасна жена од Глобочани, пензионерка која си одгледува земјоделски култури за семејството, кое и живее во Корча.
Воодушевени од природната убавина и гостопримливоста на овие кротки луѓе ветивме дека ќе се вратиме повторно да прошетаме во недопрената природа чистиот преспански воздух и вкусна риба.
Слаѓана Стојкова Костоски за МИА
Фото: МИА