Македонското друштво „Илинден“-Тирана, во реакцијата објавена попладнево, како што стои, ја осудува најнова провокација на Владата на Бугарија за македонскиот јазик и македонското малцинство.
-Македонците во Албанија со индигнација го отфрлаат ставот на Бугарската влада со кој повторно се пласира една небулозна теза, дека не постои македонски јазик и македонското малцинство. Барањето на бугарската Влада, Македонија да се откаже од грижата за македонското малцинство и во ЕУ наместо македонски јазик да се користи
терминот „службен јазик на РС Македонија“ е неприфатливо, геноцидно и претставува злосторството против човештвото, стои во реакцијата на друштвото.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана,се додава во реакцијата, смета дека иако Советот на ЕУ донесе одлука за Македонија да почне преговори и оти изјавите на земјите-членки не можат да ја променат одлуката, загрижувачко е токму правото на вето на Владата во Софија на секое од триесет и трите поглавја.
– Не се сомневаме во злоупотребата на Софија на нејзините дискриминаторски и расистички барања за непостоење на македонскиот јазик и македонското малцинство, приложени во финалниот заклучок на ЕУ што ја отсликуваат намерата на Софија и солидарноста на ЕУ во продолжението на бугарскиот наци-фашизам за непостоење на македонскиот народ во целина, се наведува во реакцијата на македонско друштво “Илинден”-Тирана.