Во Србија според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години бројот на Македонците опаѓа или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број на жители во Србија.
Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци, додека бројот на оние кои имаат македонско потекло е уште поголем.
Според истражувањата на познатиот македонски писател во Белград, Виктор Шеќеровски, кој ги истражува миграциите на Македонците во Србија, тие во Србија почнуваат да се населуваат уште по турскиот терор за време на Карпошовото востание во 1688 година и австро-турските војни во овој период. Но, валидни докази за нивната миграција во овој период нема.
При посета на Музејот во Бела Црква во Војводина, дописникот на МИА од Белград, го забележа можеби најстариот доказ за населувањето на Македонците во Србија.
„Откривајќи “ ја сликата со хералдичкиот грб на Македонија, на кој е насликан портрет со типична македонска носија и годината 1726, побаравме одговори од кустотосот во музејот во Бела Црква, историчарот на уметност Игор Вокоун, кој изјави дека станува збор за лицето Мича, Македонец, додека автор на сликата е неговиот внук, Симеон Мичин, од 19 век, австроунгарски офицер, подоцна предавач на Военатa академија во Белград.
– По грчко-турската војна во 18 век, голем број луѓе од Македонија се населуваат во Банат во Војводина, тогашна Австро-Унгарија. И Мича доаѓа со овој бран и прво се населува во Чаково, а потоа на почетокот на 19 век неговото семејство доаѓа во Бела Црква, каде е едно од најбогатите и највлијателни хотелиерски семејства. Презимето Мичин доаѓа од лицето на портретот – Мича, што претпоставувам дека потекнува од некој топоним во јужна Македонија. Сликата е настаната во периодот од 1866-1874 и преставува портрет на дедото на авторот на сликата, Симеон Мичин, кој бил познат војсководец, изјави кустосот Вокоун.
На сликата под македонскиот хералдички грб пишува дека Мича се населува во Чаково во Банат после Првото грчко востание во 1726 година.
Натпис на портретот
Истражувајќи ги малкуте податоци за најстарите траги на населување на Македонците во Војводина, од 1726 година, лоцирајќи го на мапа банатскиот град Чаково, денес во Романија, блиску до границата со Србија, вчудоневидени бевме од откритието дека до Чаково се наоѓа населено место кое и ден денес се вика – Македонија!
Според македонскиот писател во Белград, Виктор Шеќеровски, блиску до српската граница, во Романија во населено место Свињарево и ден денес населението го познава македонскиот јазик.
Втор значаен податок е самата македонска носија. Доколку се направи компарација со фотографијата на Дедо Иљо Малешевски, кој во овој период во 18 век престојува во Србија за време на српско-турската војна, таа во повеќе етнографски елементи е идентична, како во елекот, наметката, шапката и оружјето.
Трет податокот е сознанијето дека во 1866 кога е насликан портретот, традицијата и потеклото се пренесуваат од колено на колено. Убаво и потенцирано насликаниот хералдички грб со лавот и натпис Македонија и етнолошките карактеристики, говорат за постоење свест за Македонија, за познавање на традицијата, за посебноста на Македонците, што за првата половина од 19-от век секако дека преставува своевидна сензација.
Мича, насликан како македонски војвода од 1726 година, со македонски грб би требало да е доволен предизвик за македонските научници да ги доистражат овие податоци, за миграциите и за развивањето на свеста за македонскиот идентитет уште пред првата половина на 18 век.
Оливер Бранковиќ за МИА