Пратеникот во албанскиот Парламент од редовите на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, е еден од најактивните пратеници во законодавниот дом на Албанија во периодот септември – декември 2019 година, се наведува во последниот извештај на Институтот за политички студии (ИПС) во Тирана, кој со поддршка од Холандската амбасада ја следи работата на Собранието.

Како што се наведува во извештајот, ИПС веќе воспоставил систем на класификација на нивото на ефективност на пратениците, систем што ја проценува употребата на сите парламентарни механизми и алатки од страна на пратениците, професионалното ниво и ангажирањето на пратениците во сите форми на парламентарна активност.

– Класификацијата на пратениците на конечното рангирање се одразува на целокупниот развој на настаните во Собранието, каде што новите пратеници кои дојдоа во Парламентот во 2019 година се обидоа да бидат многу поактивни во дебатите на пленарните сесии и комисиите и максимално да ги искористат правата за интерпелација, барања за информации, правни предлози и слично, стои во извештајот.

На списокот на 22-те најактивни и најефикасни пратеници во Парламентот, освен Стерјовски, се и новите народни избраници Ралф Ѓони, Костаќ Папа, Енвер Роши, Халит Валтери, Зеф Штјефни, Нимит Мусај и Едлира Хисени.

– Пратениците кои не членуваат во ниту една група немаат организација и претставуваат различни политички движења – лево и десно. Сепак, во вкупното рангирање како категорија надвор од парламентарните групи излегува дека најефикасни пратеници за време на минатата парламентарна сезона биле Артур Роши, Васил Стерјовски и Анди Пермети. Тие презеле правни иницијативи од кои имало најмалку една интерпелација, биле многу активни во парламентарните расправи и во дебатата на комисиите, констатира ИПС.

Институтот првпат одлучил да направи и додаток во процесот на мониторирање на Парламентот, споредувајќи ги податоците за финансиските придобивки на пратениците со нивното рангирање врз основа на нивото на ефикасност за време на парламентарната активност.

– Најважниот заклучок е дека најдобро платените пратеници не се ефикасни во билансот на парламентарната активност. Пратеникот со најголем финансиски приход од парламентарна активност, во периодот септември – декември 2019 година немал ниту една дискусија на 13-те пленарни седници на Собранието. Исто така, мнозинството од 30-те најплатени пратеници не припаѓаат во групата на 30-те најактивни пратеници во овој период, ниту на најистакнатите пратеници во парламентарни иницијативи, комисиски расправи или дебати на пленарни сесии. Има добро платени пратеници кои обично правеле наслови во јавноста и во медиумите не за политика, туку за скандали и проблеми со законот, стои во извештајот.

Најдобро рангирани пратеници на листата за најактивни пратеници во однос на финансиските приходи се Артур Роши, Халит Валтери, Васил Стерјовски, Костаќ Папа, Ралф Ѓони и Зеф Штјефни.

Еден од механизмите што им се достапни на пратениците е нивното право да бараат информации од различни институции, како и да достават прашања или барања до институции врз основа на нивната одговорност како законодавци. Традиционално ова право го оствариле само мал број пратеници, главно оние кои имаат соодветна обука за парламентарна активност и кои споделуваат различни грижи со изборните единици.

– Рекорд по бројот на барања држат искусните пратеници Ермонела Фелај и Антонета Дима, како и новиот пратеник Васил Стерјовски. Заедно тие поднеле 62 отсто од вкупните барања за информации и препораки, наведува Институтот за политички студии.

Албанската телевизија „АБЦ њуз“ во прилог посветен на официјалните барања на пратениците, како еден од механизмите за парламентарна контрола, потенцира дека „меѓу новите пратеници се истакнува Васил Стерјовски“.

– Тој го претставува македонското малцинство и има испратено повеќе барања за снабдување со електрична енергија на Општина Пустец, вода за пиење, образование на македонски јазик за малцинството и друго, посочува телевизијата.

Васил Стерјовски во собраниското столче седна на 16 мај 2019 година, со што стана прв пратеник во плурална Албанија кој доаѓа од партија на Македонците, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира како Македонец. Веднаш потоа беше избран и за член на парламентарната Комисија за надворешна политика.

Во албанското Собрание тој настапува како независен пратеник, преставувајќи ја Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Во своето прво обраќање во албанскиот Парламент, Стерјовски истакна дека е горд што е пратеник во Собранието на Република Албанија, првпат во нејзината историја, од регистрирана македонска партија.

Тој нагласи дека МАЕИ, како единствената македонска партија во Албанија, меѓу другото се грижи и за унапредување на положбата и правата на македонската заедница во албанското мултикултурно, мултијазично и мултиконфесионално општество.

– Македонците од Албанија им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна и помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја. Затоа и ние Македонците, заедно со Албанците, Грците, Власите, Ромите, Еѓипќаните, Србите, Црногорците, Бошњаците се чуствуваме рамноправно со рамноправните пред Уставот и законите, рече Стерјовски.

Тој изрази посебна благодарност до албанското Собрание затоа што во 2013 година ја врати македонската топонимија на Општина Пустец и нејзините девет села.

– Македонската заедница во Република Албанија не се само Македонците во Општина Пустец и селото Врбник во областа на Девол. Македонците во Албанија живеат во педесетина села по должината на албанско-македонската граница, во областите Мала Преспа во округот на Корча, Голо Брдо во округот Пешкопеја и Гора во округот Кукс, како и во градовите Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Кукс, и други места, нагласи Стерјовски.

Завршувајќи го свото прво обраќање, тој нагласи дека Македонците во Република Албанија и Албанците во Македонија се мост на соработка и братство во македонско-албанските односи, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.

Триесет и осумгодишниот докторанд на Институтот за национална историја во Скопје на 7 септември на Третиот конгрес на МАЕИ, што се одржа во Тирана, едногласно беше избран за претседател на партијата, каде што дотогаш ја извршуваше функцијата генерален секретар.

Вера Тодоровска за МИА