Во Македонија прв пат се организира рушење на Гинисов рекорд за најдолгата презентација во светот на бизнис идеите пред инвеститори, објави МИА.
Како што информира компанијата „Нетворкер“ која го организира „натпреварот“, претставени ќе бидат над 90 бизнис идеи пред шестчлена комисија. Најдобрите пет идеи ќе добијат 25.000 евра за реализација. За да се сруши Гинисовиот рекорд, потребно е настанот да трае над 30 часа. Секоја идеја ќе добие по 10 минути за презентација пред комисија.
-Со организирање на овој настан добиваме можност да срушиме интересен Гинисов рекорд во нашата држава, да влеземе во книгата на славните, а секоја бизнис идеја да добие можност да биде видена, слушната, можност да биде реализирана и можност да постигне успех од светски размери, велат од „Нетворкер“.
Според компанијата, дел од ова рушење на Гинисовиот рекорд може да биде секој што има идеја и сака да ја развие, постоечки бизниси кои сакаат да ја претстават својата идеја пред јавноста, како и инвеститори кои сакаат да дојдат до супер таленти.
Покрај „Нетворкер“, поддржувачи на овој настан се: Monday Digital Agency, Widnet Solutions, AIESEC, Junus Centre at Faculty of Economics- Skopje, Macedonian Business Angels, Pikon Opus Investment, Startup Macedonia и многу други ентузијасти.