Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Република Македонија преку Кредитната линија за претпазливост (The Precautionary and Liquidity Line – PLL) во рок од 24 месеци. Ова е големо признание за економските политики кои се спроведуваат во земјава, бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики, велат од Министерство за финансии.
-По финално одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува подоцна во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза. Самата намена на инструментот е да пружи ликвидносна поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација, велат од МФ.