Македоника литера објави уште три нови книги како дополнение на антологиската едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“, од која првите десет книги беа објавени пред една година. Новите три книги се „Приказните на Фанг Гуози“ од Џоу Жуи, „Летото на Поер“ од Џанг Ѓие и „Животот е живот“ од Џанг Хаиди.
Едицијата е копродукциски проект кој „Македоника литера“ го реализира со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг. Во неа се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Објавени се и текстови на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво. Преведувачи на трите книги се Елена Саздовска, Сибел Ајдинова и Анета Пауновска.
Минатата година „Македоника литера“ објави избори од десет автори на современата кинеска литература за деца: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу.
Оригиналната едиција на кинески јазик содржи 25 книги избори од исто толку автори, а нашата издавачка куќа планира сукцесивно да ја објави целата едиција на македонски јазик.