Вкупно 42 земји, меѓу кои и Република Македонија се најдоа на листата држави со привилегиран даночен статус за 2022 година објавена од Министерството за национална економија и финансии на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Како земји кои имаат привилегиран даночен статус Министерството ги дефинира оние држави во кои „правното лице или правниот ентитет подлежи на данок на добивка или приход или капитал чија стапка е еднаква или пониска од 60 проценти од даночната стапка на правните лица и правните ентитети согласно одредбите на грчкото даночно законодавство, во случај да се даночни резиденти или со постојана деловна активност во Грција“.
Од Европа, на листата, освен Македонија, вклучени се и Бугарија, Кипар, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Монако, Унгарија, Унгарија.
Одлуката за одредување на државите кои имаат привилегиран даночен статус за 2022 година е потпишана од министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис и неговиот заменик Харис Теохарис и веќе е објавена во Службен весник.
Истите земји што и оваа година се на листата, беа вклучени и на онаа за даночната 2021 година, со исклучок на островите Токелау кои се вметнати на новата листа за 2022 година.
Фото: МИА архива