Македонија е прогласена за шампион во регионот со 20,4% поскапување на водата, струјата, гасот и дериватите. Според податоците на Државниот завод за статистика, зад нас е Србија со раст од 18,4%, Хрватска со 16,5%, Црна Гора со 15,6% и Словенија со 13,3%, пренесува ТВ АЛСАТ.

Споредбата на цените покажува дека во Македонија, во однос на другите земји, цените се зголемени. Министерот за економија Бектеши вели дека по намалувањето на цената на струјата ќе има и намалување на цените на прехранбените производи, но од производителите на храна кои имаат корист од ова намалување велат дека суровината што ја увезуваат има висока цена, како и транспортот, па наоѓаат причини да ги задржат цените високи. Бектеши смета дека едно од решенијата е зголемување на платите.

„Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, и економските ресори се фокусирани на зголемување на платите во приватниот сектор, по можност и во јавниот сектор, со единствена цел да се зголеми животниот стандард на сите граѓани на РСМ. Очекувањата врз основа на прелиминарните податоци што ги имаме од Заводот за статистика покажуваат дека минималната плата ќе биде некаде околу 20.000 денари, што ако се спореди со она што го имавме пред 5 години е двојно повеќе, кога имавме минимална плата од 9.900 денари“, рече Бектеши.

Но, броевите велат дека растот на трошоците за живот е зголемен за 20-30% само во однос на лани. Не може да се земе како основа 100 процентното зголемување на минималната плата за 5 години, кога основната храна беше двојно поевтина, на пример лебот беше 20 сега е 40 денари. Но, економските експерти мислат поинаку.

„Управувањето со состојбите од страна на власта треба да се направи на тој начин што треба да ја помогне категоријата која е во исклучително тешка ситуација. Но, не само со парична помош како субвенции. Мора да се отворат нови работни места, квалификација на кадри како нова работна сила, создавање на еден вид баланс меѓу економските оператори и граѓаните од друга страна, за стратегијата да не биде само краткорочна, туку и одржлива на подолг рок“, вели Абил Бауш, економски експерт.

Според статистичките податоци, порастот на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци во Македонија достигна 29,8%, а најголем дополнителен трошок има за транспортот 16,1%, споредено со земјите од регионот, имајќи предвид дека платите кај нас се најниски, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Ние сме пак, малку подобри во однос на трошењето за облека. Според податоците, Македонија со години не бележи значителни поскапувања во овој сектор.