Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија е на готовс да ги разбива градоносните облаци кои е можно да се појават во теков на викендов, според прогнозата на оваа институција.

– Создавањето на градоносните облаци обично е на височина од 3.000 до 5.000 метри, а пилотите на авионите избираат дали облакот ќе го засејат одоздола, странично или одозгора и колку ќе се доближат до него, бидејќи станува збор за облаци кои во себе имаат голема енергија, велат од УХМР за порталот Нова ТВ.

Според прогнозата на УХМР, под влијание на влажна и нестабилна маса денеска попладне и за време на викендот времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер со над 70 км/час и појава на град.

– Активната заштита од град во Македонија со противградобијни ракети е укината во 2011 година, по повеќедецениско постоење. Во 2020 година е воведена заштита преку авионско засејување на градоносните облаци со реагенс на база на сребројодит односно истиот реагенс кој се користел и во ракетите, а сега е концентриран во палки кои ги носат авионите кои ги засејуваат облаците и истите кога ќе се активираат го испуштаат реагенсот. Овој вид на заштита е направен и 2021 година, а негово спроведување е во тек и оваа година, вели директорорт на УХМР, Ивица Тодоровски за НОВА ТВ.