Република Македонија и формално стана полноправна членка на Јадранско-јонската иницијатива на состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на оваа иницијатива што се одржа денеска во Катања, Сицилија. Делегација од македонското МНР предводена од државниот секретар Виктор Димовски, учествуваше на состанок на покана на министерот за надворешни работи на Италија, Анџелино Алфано, во улога на земја претседавач на Иницијативата.
Како што соопшти МНР, во своето обраќање Димовски го изнесе задоволството што по повеќегодишни напори Македонија станува членка на оваа форма на регионална соработка.
„Со членството во Јадранско-јонската иницијатива, Република Македонија ќе може заедно со останатите земји членки да го даде својот придонес во градењето солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина“, истакна Димовски.
Јадранско-Јонската иницијатива е оформена во 2000 година со цел да го подобри развојот и зајакне безбедноста на земјите во регионот. Во неа членуваат Италија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија, а од денека и Република Македонија.