Кога институциите и државата затајуваат, народот се обединува. Така беше и во случајот со Кристијан Коцев-Кико од карбинското село Долни Балван за чие лекување се собираа парични средства преку донации. Парите се собрани за четири дена, а семејството започнува постапка за стопирање на телефонските броеви за донации.

-Во овој момент семејството на Кико ме замоли да објавам дека се стопираат броевите за донации, но сите настани и тоа што се организира во наредните неколку денови продолжуваат… Македонскиот народ се покажа уште еднаш како хуман и колку можеме да бидеме јаки кога сме сплотени. Фала ви од срце, објави на својот Фејсбук профил јутјуберот Стефан Лазаров кој му пружи голема поддршка на момчето.

Се појаснува дека ова е првична, неофицијална потврда, затоа што во тек се правните процедури за детални извештаи, со оглед на тоа дека донации се собираа преку неколку различни канали. Сепак, семејството на Кико започна процедура за стопирање на телефонските линии.

Младиот Кристијан има ретка дијагноза Атаксија-телеангиектазија. Откако му се влоши здравствена состојба беше сместен во приватна болница во Скопје. Последните информации се дека Кико е подобар, и се очекува дозвола од лекарите за тој да може да замина за Турција каде ќе го продолжи лекување за што беа потребни 50.000 евра.

Неколкуте настани и концертот кои веќе се закажани и нивната организација е во полн ек, нема да се одложуваат. Сите дополнителни средства ќе бидат наменети за рехабилитацискиот процес.