ВМРО-ДПМНЕ го осудува говорот на омраза и непочитувањето изразено на фудбалскиот натпревар во Тетово.
-Тоа не само што не е етички, туку и го нарушува единството и солидарноста која е повеќе од потребна во овие моменти. Не сакаме да веруваме дека ова е дел од едно сценарио за нарушување на меѓусебните етнички односи, но очигледно националистичките и шовинистички скандирања се последното прибежиште на оние кои во политиката гледаат можност на криминал и богатење. Ова не треба да се претстави како тензија помеѓу Македонците и Албанците, бидејќи изразуваме огромна почит кон Албанците за своите гестови на сочувство и почит кон своите сограѓани Македонци поради неодамнешната трагедија во Кочани, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата велат дека од тие гестови треба да се земе пример за заедништво, соживот и меѓусебна почит и да биде светлина во моменти на трагедија и предизвици, но и кога вакви провокации како оваа денес од страна на мала контролирана група ќе се обидат да го нарушат спокојот на сите наши граѓани.
-Благодарност до сите етнички заедници за својот придонес и поддршка на своите сограѓани Македонци во овие тешки времиња на тага и предизвици. Со демонстрирањето на заедништво и меѓусебна почит, Македонија, докажува дека е посилна од сите оние кои сакаат да ја однесат во лош правец. Бараме реакција од сите општествени чинители кои мораат да влеат доверба и меѓусебна почит, велат од ВМРО-ДПМНЕ.