Скопје очекува час поскоро да се определи датум за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Тоа е од геостратешки интерес за ЕУ, имајќи ги предвид околностите предизвикани од руската инвазија на Украина. Брисел уверува дека има волја, дека прави се што може за да почнат преговорите со Македонија и Албанија, но не може да вети датум.

Познато е дека една од историските лажни вести во Македонија беше онаа од враќањето со авионот од Брисел од каде беше соопштено дека бившиот премиер Зоран Заев и делегацијата „добиле датум од ЕУ“. Сегашниот премиер Димитар Ковачевски не доби датум, но доби волја од ЕУ.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпреседател на Европската комисија Жосеп Борел вчера изјави дека има волја, а следствено на тоа, има и начин, но, како што кажа, не може да вети датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– Мислам дека моментот е сега, постојано комуницираме и проценуваме дека земјата е подготвена да започне преговори за пристапување. Не можам да ветам, но можам да уверам дека правиме се што можеме пристапните преговори со Албанија и С. Македонија да започнат на следната меѓувладина конференција, рече Борел, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција, дали ќе разговараат со Бугарија по оваа посета на регионот за забрзување на процесот и да се дојде до решение.

Борел вчера од Скопје порача дека ова е момент на будење за Европа да почнат формалните преговори со Македонија и Албанија и посочи оти се надева дека тоа ќе биде можно на следната меѓувладина конференција. Тој истакна дека Македонија и целиот регион се стратешки приоритет, и ЕУ е посветена европската перспектива за овие земји да ја направи реалност.

Според него, билатералните прашања не смеат веќе да загрозуваат никаков процес на пристапување, дури ни, како што рече, ако се засновани на етничко-лингвистички согледувања. Додаде дека го разбира разочарувањето што многумина го чувствуваат во Македонија.

– Постојано оценуваме дека земјата е подготвена за почеток на разговорите за пристапување и тоа не е реторичка изјава, тоа е цврста проценка и заложба и изјава за намера, рече високиот претставник на ЕУ Борел.

Борел го поздрави новиот импулс меѓу Македонија и Бугарија, подвлекувајќи дека ги поттикнува двете страни да најдат заемно прифатливи решенија и да ги разрешат билатералните прашања зашто „проширувањето не може да продолжи ако е попречено од билатерални прашања“. Според него, позитивната работа е дека сега меѓу двете влади и двајцата премиери има многу поцврста волја да се постигне решение. Најави дека ќе продолжат да разговараат со Бугарија се додека не се реши ова прашање.

Паралелно, смета тој, реформите на Македонија во владеењето на правото, борбата против корупцијата, дигиталната трансформнација и зелената агенда ќе овозможат брз прогрес кон преговорите.

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Борел по нивната средба апелираше до сите земји членки на ЕУ час поскоро да се определи датум за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија.

На новинарско прашање дали на средбата со Борел побарале европска интервенција за конкретни чекори односно датум за почеток на преговори во јуни, Ковачевски одговори дека за датуми не се врзува, туку за остварување на цели што треба да се направат.

– Да се дојде до решение кое прво ќе биде прифатливо за двете страни. Решенијата треба да бидат во духот на европските вредности, треба да се базираат и на задржување на достоинството на двата народа и двете држави и одлуката треба да биде прифатена и донесена од страна на сите земји члники на ЕУ, појасни меѓу другото Ковачевски. Разговарав со Борел, додаде, и добивме уверување дека сите овие разговори ќе ги пренесе во ЕК.

Премиерот, прашан од новинарите дали има најава за нова средба на ниво на премиери и за кои прашања би се разговарало, одговори дека имаат редовна комуникација и со премиерот Кирил Петков и на ниво на ресорни министерства. Потсети дека министерствата за надворешни работи на двете држави работат на политичките прашања и имаат редовна комуникација на ниво на експерти.

– Во моментот кога ќе имаме заедничко прифатливо решение, кое ќе се заснова на европските вредности, ќе се заснова на ставовите кои ги отсликуваат позициите на нашата држава декларирани во Собранието, тогаш тоа заедничко постигнато решение ќе биде споделено, изјави Ковачевски.

Според него, сегашната состојба на статус-кво никому не оди во прилог.

– Блокадата на пристапните преговори за земјава се чувствува во целиот регион. Неопходно е С. Македонија да има силна и јасна европска перспектива, рече Ковачевски, додавајќи дека единствено целосно обединета, Европа може да биде силна.

Со колегата од Бугарија, дополни, воспоставен е нов принцип на соработка кој, според Ковачевски, е вистинскиот пат по кој ќе се дојдеме до решение на спорот.

– Од исклучитлена важност е ЕУ и земјите членки да се вклучат, зашто проширувањето со земјите од Западен Балкан е веќе стратешко и безбедносно прашање, истакна Ковачевски.

Посетата на високиот претставник за надворешна политика Борел на земјава, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го оцени како показател дека Европската Унија стои до агендата за проширување и го има Западен Балкан во фокусот.

Коментирајќи ја изјавата на Борел дека „не може да вети датум за почеток на преговорите на Македонија“, Маричиќ рече дека клучот за решение е меѓу Скопје и Софија, а Брисел може само да помогне и да даде поддршка на тој процес. Според Маричиќ, многу поважно е да се дојде до решение за проблемот со Бугарија.

– Лекцијата дека никој не може да ни вети датум, сме ја научиле повеќепати во претходниот период. Тоа не е ништо ново. Клучот за решавање е на релација Скопје-Софија, а Брисел и државите членки на ЕУ можат само да помогнат и да дадат поддршка на тој процес. Токму затоа откако беше формирана новата Влада сме во интензивна комуникација со Бугарија и токму затоа во јавноста никогаш не сме кажале некаков датум и не сме се врзале за временски период, затоа што знаеме колку е тоа неблагодарно и затоа што знаеме дека изминатите две-три години тоа не ни помогна. Затоа мислам дека нашата посветеност на суштинскиот процес и на тоа како поскоро да дојдеме до решение е многу поважна отколку врзување со датум, а во наш интерес би било тоа да се случи што поскоро, истакна вчера Маричиќ.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера имаше средба со амбасадорите на четирите држави членки од Вишеградската група, акредитирани во земјава, амбасадорот на Полска, Војциех Тицињски, на Чешка, Јарослав Лудва, на Словачка, Хенрик Маркуш и на Унгарија, Ласло Иштван Дукс.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, поздравена е континуираната соработка со земјите од Вишеградската група, посочувајќи ја нивната приниципиелна поддршка на еворинтегративниот процес на нашата држава, како и нивната солидарност и подготвеност за практична помош и споделување на експертски искуства во тој процес.

Во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека со оглед на актуелните геополитички околности, деблокадата на македонските евроинтеграции и неодложниот почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, се исклучително важни за долгорочна стабилност и безбедност на регионот.