Македонското друштво „Мала Преспа“ од Канада ја одржа традиционалната годишна средба, во чест на големиот верски празник Свети Архангел Михаил, кој е заштитник на Македонците од Мала Преспа, пишува весникот „Македониум”.

Додава дека иако се далеку од својата родна грутка иселените Македонци од овој живописен крај своите традиции како светост ги чуваат и негуваат и во Канада.

– Имаат свое  друштвото „Мала Преспа” кое е  формирано со цел продолжување на македонштината и во Канада. На настанот кој се одржа на старата локација Capitol Banquet Hall во градот Мисисага присуствуваа многу  Македонци со потекло од Мала Преспа, кои денес живеат во Канада и САД, наведува весникот.

Средбата и присутните ги  благословија свештениците од Македонската православна црква, а пред присутните се претставија најмладите членови на македонското културно-уметничко друштво.

– Сплотено, семакедонски се славеше до раните утрински часови. Средбата  беше испочитувана од многу  претставници на управите во македонските православни цркви, како и македонски патриотски организации и здруженија од Канада, стои во написот.

Владимир Терпо, македонски иселеник од Мала Преспа, кој живее во Канада, за весникот „Македониум“ изјави дека македонското друштво „Мала Преспа” во Канада е формирано пред 14 години од македонски иселеници од Пустец и други делови од областа Мала Преспа со цел негување на македонската култура и традиција.

– Веќе станува традиција,  ние, Македонците со потекло од Мала Преспа, кои живееме во Канада и Америка, да се собереме по повод православниот празник Свети Архангел и Михаил. Овој ден преставува добра можност за сите нас да се дружиме, веселиме, но и да позборуваме за нашиот роден крај населен со етничко чисто македонско население, додава Владимир за весникот „Македониум“.