Најмногу гласачи на престојните претседателски избори во Македонија од дијаспората има од Германија и Словенија, а најмалку во Кина каде што се пријавиле 12 македонски државјани.
За гласање се пријавиле вкупно 2.954 наши иселеници во странство на претстојните претседателски и парламентарни избори 2024. Од вкупниот број пријави, според податоците од веб-страната на Државната изборна комисија од синоќа, прифатени се 2.610, две се необработени, а одбиени 342.
Гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај, врз основа на прифатените пријави, треба да се организира во 24 земји. За да се организираат избори во некое од нашите дипломатски-конзуларни претставништва потребно е да се пријавени најмалку десет избирачи.
Најмногу прифатени барања за гласање има во Германија – 578, потоа во Словенија – 327, во САД – 241, во Швајцарија – 182, во Канада – 122, во Австрија – 116, во Италија – 101, во Австралија – 97, во Белгија – 91… Меѓу земјите каде што има најмалку пријавени е Кина каде има 12 наши државјани што сакаат да гласаат на изборите.
Иселениците ќе гласаат само за избор на претседател на Македонија, но не и на парламентарните избори бидејќи нема доволно пријавени.