Речиси нема кој во Македонија не ја знае патриотската песна „Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански“ посветена на последните мигови од животот на пиринскиот цар Јане Сандански, но малкумина знаат дека таа не е народна песна.
Песната е авторска композиција од Венко Темеќаров од Пиринска Македонија, таа е од релативно понов датум (најверојатно од 1960-те години на ХХ век), пишува порталот Македонска нација.
Децидни податоци за ова за првпат се објавени во книгата „Жестокоста на бугарскиот национализам и неговите слуги против Македонците“ од неодамна починатиот Јордан Костадинов (1932 – 2019), кој беше еден од основачите на ОМО „Илинден“ и кој своевремено трипати бил затворан заради Македонија од страна на бугарскиот комунистички режим. Во книгата се опишани членувањето на Костадинов во илегалните македонски организации во пиринскиот дел на Македонија, како и неговото апсење, судење и затворање од страна на режимот на диктаторот Тодор Живков за време на кој Македонците во пиринскиот дел го живееја својот најтежок период.
Авторот на песната „Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански“ Венко Темеќаров се родил во 1942 година во село Мусомиште во Благоевградскиот округ во пиринскиот дел на Македонија. Бил извонреден хармоникаш, но и самиот компонирал песни. Една од овие песни е и „Кога падна на Пирина…“, која подоцна некако стигнала до тогашното Радио Скопје, каде наскоро била снимена и емитувана во СР Македонија. Темеќаров и самиот отпрвин членувал во македонска илегална организација, но бил уапсен од бугарската комунистичка милиција, поради што лежел затвор.
Целиот текст на оваа тема може да го прочитате ТУКА.